Македонија
СДСМ: Две објавени бомби чекаат реакција на ДКСК
„Два скандали, две објавени бомби од Антикорупцискиот тим на СДСМ чекаат соодветна институционална рекција од ДКСК и Јавното обвинителство. Првата бомба, фирма со двајца вработени основата минатата година добива 9 милиони евра договори за тендери од владата на Мицкоски, објавена пред 10 дена“, велат од СДСМ.
„Втората бомба, семејна фирма на Томовски, го чисти Буџетот на граѓаните со 5,5 милиони евра.
Бројот е негов, таткото е негов, зетот и внукот се негови, сè е негово. Класичен пример на судир на интереси. На крај, следејќи ја трагата на парите се потврдува дека Томовски е донатор во ДПМНЕ.
Ете како власта преку стари криминални шеми испупува пари од Буџетот кои на крај завршуваат во белата палата.
Со факти, докази, аргументи овие два скандали се документирани целосно. Поднесена е и претставка до Државната комисија за спречување корупција.
Претседателот Филипче ја повика и европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија за расчистување на скандалот со ИПАРД. ДКСК и Јавното обвинителство треба да постапат веднаш, да отоврат предмети, истраги и да следува одговорност.
Сите што го прекршиле законот да одговараат. Антикорупцискиот тим на СДСМ започна и нова фаза во борбата против корупцијата и криминалните шеми на власта на ДПМНЕ и ние продолжуваме, следуваат нови бомби, нови докази. Работата се уште не е завршена“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.
Македонија
Министерот Минчев со честитка за христијанскиот празник Богојавление – Водици
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
„Во мое лично име и во име на Министерството за јавна администрација, Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Нека овој празник донесе мир, здравје и благосостојба во Вашите домови и биде поттик за заедништво, солидарност и меѓусебно почитување.
Во духот на празникот, со заедничка посветеност, да продолжиме да придонесуваме кон унапредување на јавната администрација, во интерес на сите граѓани“, пишува во честитката.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.
„Почитуван г. г. Стефан, Чест и задоволство ми е Вам, лично, и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.
Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.
Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа.
Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање.
Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина.
Бог се јави!“, пишува во честитката на Гордана Сиљановска-Давкова.

