Македонија
СДСМ: Мицкоски објави целосна невистина, нема криминал во РЕК

Мицкоски објави целосна невистина, класична лажна вест измислена од ВМРО-ДПМНЕ, реагира СДСМ по обвинувањето што денеска го изнесе опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, а се однесуваат на наводен криминал во РЕК „Битола“, во што бил вмешан братот на Зоран Заев.
„Мицкоски е во безидејност и во агонија па измислува непостоечки случаи и лажни вести.
Случајот за коjшто зборуваше денеска Мицкоски е целосно измислен и нема никаква врска со реалноста. Ниту има некаков криминал во РЕК, ниту, пак, постои некаква поврзаност со фирми или лица од семејството на претседателот Зоран Заев, за коишто денеска лажно наведуваше Мицковски. Во име на вистината, ги повикуваме сите надлежни институции и невладини организации коишто се занимаваат со антикорупција да се заинтересираат за измислениот случај на Мицкоски и за тоа да ја информираат јавноста“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Владејачката партија истакнува дека Мицкоски сè уште не одговорил на јавноста за договорите од 10.5 милиони евра склучени во времето кога тој раководеше со АД ЕЛЕМ и додава дека ВМРО-ДПМНЕ треба да расчити со криминалот во своите редови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот дел од корисниците од село Кучково кон Манастир, општина Ѓорче Петров;
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот дел од корисниците на улицата Гаврил Констатиновиќ (околу бр.57), општина Аеродром;
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот корисниците од улицата Алексо Демниевски 17, 11 и други куќи во близина, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне нестабилно со пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд.
Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.