Македонија
СДСМ до Мицкоски: Предложете министер што ќе биде во согласност со Уставот
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи технички министер во МВР кој ќе биде во согласност со Уставот, со цел утре да се избере техничката влада.
Тој рече дека има најава дека Заев и Мицкоски денеска ќе разговараат околу новиот предлог што го најави опозицијата.
„Ако е предлогот прифатлив, Заев ќе поднесе оставка и утре ќе се формира техничката влада“, рече Костадинов.
Според него, во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, односно партијата оди по стапките на Никола Груевски.
„Дури и кога цела нација гледа дека со нивниот предлог буквално се крши уставот, ВМРО-ДПМНЕ не се менува ниту малку. Членот 97 од Уставот е јасен, дека лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана, треба да цивилно лице најмалку 3 години пред изборот. Ние имаме отпор кон кршењето на Уставот. Мицкоски денеска го измеша Статутот на СДСМ, Уставот, тој измеша сè“, вели Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

