Македонија
СДСМ за изгласаниот буџет во Кисела Вода: Нереален, неразвоен и без визија
Советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ го изгласа Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година, во износ од 1,57 милијарди денари. И покрај звучните најави за „развој“, „транспарентност“ и „консултации со граѓаните“, станува збор за нереален, неразвоен и без визија буџет, кој не ги адресира суштинските проблеми на граѓаните, велат од СДСМ.
„Иако локалната власт се фали со наводни 57% капитални инвестиции, реалноста покажува дека буџетот е креиран како обид за прикривање на вистинската финансиска состојба на општината. Долгот на Општина Кисела Вода се маскира преку голем број т.н. развојни програми, кои постојат повеќе на хартија отколку во реалноста.
Загрижувачки е фактот што развојните програми се побројни од редовните годишни секторски програми, а најголем дел од нив не претставуваат нови проекти. Станува збор за рециклирани ветувања и префрлени ставки од времето на претходниот градоначалник, без јасна динамика, рокови и финансиска одржливост. Наместо нови идеи и решенија, граѓаните добиваат стара содржина во нова политичка амбалажа“.
Советничката група на СДСМ, како што соопштија, има поднесено пет конструктивни амандмани, насочени кон подобрување на буџетот и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Сите амандман, како што велат, биле одбиени без суштинска расправа и без аргументи.
„Поради нерационалните расходи, недобро испланираните и нереални приходи, како и отсуството на јасна развојна стратегија, советничката група на СДСМ гласаше против овој буџет.
Во текот на речиси седум часа активна дискусија, советниците на СДСМ детално укажаа на пропустите, слабостите и ризиците од ваквиот буџет. Наместо аргументиран одговор, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ одбра молк.
Без дискусија и без прифаќање на ниту еден амандман, ВМРО-ДПМНЕ самостојно го изгласа овој нереален, неразвоен и безидеен буџет, кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за подобрување на животот на граѓаните на Кисела Вода.
Граѓаните заслужуваат вистински развој, одговорно управување и буџет што носи реални резултати – а не буџет на илузии“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

