Македонија
СДСМ: Зошто Арсовска крие дека била менаџер на фирма за продажба на автобуси?
Градската организација на СДСМ бара од кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која вети 250 нови автобуси, да одговори зошто во нејзината биографија не се споменува дека била менаџер на фирма што се занимавала токму со продажба на автобуси во Македонија.
„Арсовска ја менаџирала фирмата ТЕМ МК, која во 2008 се занимавала со продажба на автобуси и нудела на продажба турски автобуси во Македонија. ТЕМ МК била семејната фирма што се трансформирала во ‘Ројал груп’, со седиште во салата ‘Расадник’, а во обете фирми сопственици биле Арсовска и татко ѝ“, посочуваат од СДСМ.

Од таму укажуваат и дека во целиот тек од кампањата, кога ветува 250 нови екоавтобуси, Арсовска промовира и рекламира еден од, како што велат, најскапите кинески електрични автобуси од 18 метри од кинеската фирма BYD.
„Арсовска рекламира кинески автобуси, а Македонско-кинеската стопанска комора се наоѓа на иста адреса со организации и фирми поврзани со неа и татко ѝ“, посочуваат од СДСМ.

Врз основа на ваквите сознанија, од партијата ја повикуваат кандидатката за градоначалник да одговори на неколку прашања за кои сметаат дека се во интерес на јавноста.
„Дали Арсовска била успешен или неуспешен менаџер на фирма за продажба на автобуси во 2008? Дали нејзиното рекламирање електрични кинески автобуси во кампањата има врска со Македонско-кинеската стопанска комора, која е на иста адреса со нејзини приватни и семејни правни лица? До кога Арсовска ќе бега од новинарите и ќе ги крие пипалата на семејниот бизнис ‘октопод’, кој ја упропастил скопската сала ‘Расадник’ – изградена од Град Скопје со пари на скопјани?“, прашуваат од градската организација на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција.
Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

