Македонија
СДСМ: Историското покачување од 21 отсто на платите во образованието го збуни Мицкоски
Со постигнатиот договор платите во образованието ќе се зголемат 15 отсто, што е рекордно зголемување на платите во овој сектор. Претходно, во три наврати СДСМ ги зголеми платите вкупно 21 отсто, со што кумулативно, за само пет години, платите во образованието ќе пораснат 36 отсто, соопшти СДСМ.
„Ваквото рекордно покачување и постигнатиот договор со СОНК го збуни Христијан Мицкоски, па тој денеска вели дека сето ова било минимално покачување. Ова е лицемерна изјава на Мицкоски, особено ако се знае дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ платите во образованието се заголемија едвај четири отсто.
Покачувањето на платите беше договорено со Синдикатот преку социјален дијалог и срамно е тврдењето на Мицкоски дека Владата или која било друга институција ги понижувала и навредувала наставниците и професорите. Понижување и навреда за нивната благородна професија е односот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кој 11 години ги уценуваше и ги малтретира наставниците, го потценуваше нивниот труд.
Понижување и навреда се блокадите на ВМРО-ДПМНЕ на законското решение, кое обезбедува трајно врбаотување за 4.700 наставници и стручни соработници во основните и средните училишта. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која се служеше со притисоци и закани кон наставниците, СДСМ преку дијалог обезбедува повисоки плати и подобри услови за работа на наставниот кадар. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, освен да блокираат и да шират лажни вести, ништо друго не знаат“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

