Македонија
СДСМ и Заев бараат предавници на кои ќе им лепат етикети дека се против ЕУ и НАТО, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат премиерот Зоран Заев и неговата партија СДСМ дека се во паника, бидејќи како што велат, биле фатени во криминал.
„Во паника бидејќи нивната антидржавна и антимакедонска политика е прочитана. Зоран Заев и СДСМ се во паника затоа што се фатени на дело како крадат 45 милиони евра од граѓаните само за неколку дена.Нема човек што не виде како си поделија 10,5 милиони евра на фирми каде сопственици се Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, разни снаи, пријатели или синчиња на локални функционери. Во паника се заради тоа што беа откриени како сакаат да и дадат 35 милиони евра на фирма основана пред четири месеци, која нема никакво искуство во здравството.
Зоран Заев и СДСМ се во паника затоа што се откриени дека криминалот го покриваат со потпишување на капитулантски договори и распродажба на највисоките национални интереси. Затоа Зоран Заев и СДСМ имаат проблем и мора да бараат предавници на кои ќе им лепат етикети дека се против ЕУ и НАТО интеграциите.
Колку и да лажат вистината е една. За криминалите ќе одговараат кога ќе се врати правната држава. Граѓаните секојдневно гледаат дека нема ни реформи , ни прогрес со криминалниот картел на власт. Со криминалниот картел на власт може да се очекува само уште поголем и побрутален грабеж и анархија.
Граѓаните гледаат дека Зоран Заев е зло за Македонија. Што побргу тоа зло си замине од власт, подобро за сите. Залудни се навредите. Македонија ќе оди напред и во ЕУ и во НАТО , но без неспособното, расипничко и антидржавно злосторничко здружение предводено од Зоран Заев“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

