Македонија
СДСМ: Кривични за функционери на ДПМНЕ во Охрид, фатени со рацете во медот
Функционери на ДПМНЕ од Охрид, фатени со рацете во медот, заработија кривични пријави, за злоупотреба на службена положба и јавни набавки, истакнуваат од СДСМ.
„Кривична пријава доби В.Д. директорот на ЈП Охридски Комуналец Саше Најдески, кој се појавува на фотографии заедно со Христијан Мицкоски, а инаку е близок соработник на градоначалникот на Охрид Пецаков.
Тој и уште три лица како членови на комисијата за јавни набавки ги злоупотребиле и пречекориле дадените службени овластувања и го оштетиле јавното претпријатие Охридски комуналец за сума од 3.304.000,00 денари.
Иако знаеле дека цената на единствената понуда за набавка на булдожер е 5 пати повисока од пазарната вредност, на 17.01.2024 година склучиле Договор за набавка со правното лице НЕФИ ИК ДООЕЛ Охрид со што за околу 54.000 евра го оштетиле буџетот на ЈП Охридски Комуналец“, се истакнува во дописот од оваа партија.
Охридски комуналец неодамна, како што посочуваат од СДСМ, набави препарат на база на алги за 24.000 евра од фирма, чиј сопственик е донатор на ДПМНЕ.
Според владејачката партија, во ДПМНЕ нема никаква промена.
„ДПМНЕ беше и останува симбол на криминал и корупција, злоупотреби на парите на граѓаните“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекин на патот Македонски Брод – Скопје поради одрон
Поради одрон патот Македонски Брод – Скопје е во прекин.
„Во 08:40 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, поточно кај резерватот Јасен сообраќајот е во прекин поради одрон на патот“, информира АМСМ.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.
Македонија
„Влен“: НАИ како коалиција без кауза веќе се распаѓа
„Коалицијата НАИ, изградена без кауза, без визија и без јасна политичка ориентација, влегува во фаза на неизбежно распаѓање. Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Љога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда“, велат од „Влен“.
„Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
ВЛЕН останува единствената консолидирана сила, со програма, со визија и со јасна структура за градење држава. Додека НАИ се распаѓа дел по дел, граѓаните и важните политички личности се враќаат таму каде што се наоѓа стабилност, сериозност и вистинска перспектива.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно и транспарентно, заштитувајќи го општиот интерес и градејќи сигурна иднина за граѓаните, додека други ќе се справуваат со распаѓањето на коалиција која никогаш немала своја кауза“, се наведува во соопштението на „Влен“.

