Македонија
СДСМ: Лефков како папагал повторува лаги, стравот од Филипче во ВМРО-ДПМНЕ е голем
Очаен е Лефков кој секојдневно добил задача да лаже и измислува за претседателот Венко Филипче. Човекот како папагал во глува соба секојдневно држи прес конференции и ги повотрува истите лаги кои со години ги пласира ДПМНЕ за претседателот Филипче, велат од СДСМ.
„Ништо ново не кажува, ниту нешто од наведените напади кои се повторуваат се вистина. Овие бескрајно повторувани приказни имаат една единствена цел, лагата да ја направат вистина. Имаме само една порака до Лефков и ВМРО-ДПМНЕ, не глумете опозиција. Повелете докажете, приложете докази, поведете постапки. Во спротивно затворете ја устата и почнете нешто да работите, почетокот на мандатот ви е епски дебакл. Многу брзо граѓаните ќе видат со кој си имаат работа. Веќе тоа за неполн месец го гледаат а разочарувањето кај оние кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ е огромно“, дополнуваат од СДСМ и додаваат:
„Затоа стравот е голем, затоа се обидувате да го оцрните Филипче. Оној кој не може да докаже обивнување за криминал е самиот криминалец и лажго. Оној кој е на власт а не може да поведе постапка е неспособен. ВМРО-ДПМНЕ е неспособно, лаже и живее во страв заради катастрофалниот почеток на својот мандат. Граѓаните да не подлегнуваат на лагите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да одговори дали има удел во бизнисот на Заев за изградба на 42-катницата во Дубаи, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС продолжува на дневна основа да штанца долги, бесмислени и конфузни соопштенија без никаква суштина, но ги нема збор да кажат за големите инвестиции на Зоран Заев и Венко Филипче во Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Долго време зборувавме во јавноста дека Заев и Филипче имаат златни визи за Дубаи, за што и самите потврдија, но не кажуваа на кој начин ги стекнале. До душа, од Филипче имаше неуспешен обид да ја убеди јавноста дека златна виза ја добил откако бил во напредни преговори за работа со некоја болница во земјата, но тоа не ќе да е точно, затоа што до ден денес не видовме никако таков документ. По се изгледа, стекнувањето на златна виза е поради влог во недвижности, за што и Томе Аврамски, кој бил во Дубаи, вели дека и Заев и Филипче таму имаат станови. Освен ова, Аврамски кој е поранешен соработник на Зоран Заев, јавно на телевизиски настап изјави дека во Дубаи гради 42-катница. Но, она што е дилема во сето ова, за што и јавно го прашуваме Венко Филипче, каква е неговата улога во изградбата на 42-катницата на Заев, за која сите слушнавме сведоштво и дали неговата златна виза е резултат на ова бизнис партнерство за градење на згради во Дубаи?“, велат од партијата.
Ако ова е точно, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, следно што треба да одговори од каде му пари на Венко за да си дозволи толку голем влог, со оглед на тоа дека тој самиот цело време потенцира дека досега работел само како доктор и како пратеник?
„Со чесно заработена чиновничка плата, не се стига до милионски инвестиции во ексклузивниот Дубаи. Дополнително, Филипче треба да одговори на чии име се води станот за кој познаникот и поранешен соработник на Заев, Аврамски вели дека е во негова сопственост? За овој случај, освен што треба одговори, потребно е и одговорност. Затоа го повикуваме и Јавното обвинителство да го истражи случајот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.

