Македонија
СДСМ: Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух

Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје и во општините, и покрај алармантната ситуација со загадениот воздух, не презема ништо за да се заштити здравјето на граѓаните. Скопје деновиве е меѓу градовите со најзагаден воздух на светот, иако ВМРО-ДПМНЕ во кампањата пред граѓаните ветуваа дека ќе реализираат низа мерки за да стави крај на овој проблем, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека сè што прават локалните власти на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата година не е спречување, туку поттикнување на загадувањето. Јавниот превоз не функционира, јавните претпријатија се во катастрофална состојба. Трикратно ги намалија средствата за животна средина во градскиот буџет, а сериозно намалени беа и средствата за субвенционирање на набавката на инвертори од страна на физички лица.
Како што велат од СДСМ, нема ниту еден од петте најавувани мегапаркови, а дивите депонии не само што не се чистат туку постојано никнуваат и нови. Центарот на Скопје и многу урбани населби се преплавени со смет.
Ова е последица на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што се интересира само за провизиите и за рацете во медот, но не и за интересите и потребите на скопјани. Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се најнеспособните, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.
Македонија
Царински инспектори пронајдоа дрога во стан на студентка, државјанка на Турција

Психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана е пронајдена при претрес на дом во Гостивар во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција. При претресот, извршен по добиен налог од надлежното обвинителство, инспектори од Одделението за истраги, пронајдоа вкупно шест таблети од 0,29 грама прихотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис, извести Царинската управа.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. По приемот на пратката, осомничената ја отворила и од неа ја извадила дрогата. Во истиот момент, царинските инспектори, со налог на јавен обвинител, извршија претрес, при што е пронајдена дрогата.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесе кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.