Македонија
СДСМ: Македонија гори поради неспособноста на Владата
Повеќе од 100 активни пожари ја зафатија територијата на целата држава, додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, не презема ништо за навремена и ефикасна интервенција.
„Цела Македонија повторно гори. Поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, изгоре 20% од вкупната површина на шуми и пасишта“, соопштија од СДСМ, оценувајќи дека се работи за „предавство, а не за патриотизам“.
Според партијата, во моментов има активни пожари во речиси сите делови од земјата – Берово, Радовиш, Василево, Прилеп, Македонски Брод, Крива Паланка, Зелениково, Карбинци, Куманово, Липково, Гостивар, Желино, Старо Нагоричане и други општини.
„Граѓаните се оставени сами да се справуваат со огнената стихија. Општина Берово е оставена без државна поддршка, иако пожарот беснее на планината Готен. Само неколку пожарникари, без соодветна опрема и логистика, храбро се борат во тешко пристапни подрачја“, посочуваат од СДСМ.
Партијата потсетува дека минатата година премиерот Христијан Мицкоски ветуваше модернизација на системот за заштита од пожари, но како што велат, реалноста денес е сосема поинаква.
„Наместо нови возила – се купуваат мобилни телефони за 7 милиони евра. Наместо авиони и пилоти – се трошат пари на луксузни летови и морска храна. Наместо пожарникари – се прават партиски вработувања“, обвинува СДСМ.
Од таму додаваат дека итно е потребна сериозна стратегија за справување со пожарите и поддршка на локалните заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

