Македонија
СДСМ: Мицкоски ги промаши сите можни прогнози за кризата и енергетиката

Христијан Мицкоски, заложникот на Димитар Апсиев и докажан непознавач на политиката и енергетиката, ги промаши сите прогнози што ги даваше пред јавноста велат од СДСМ.
– Прво и најголемо негово промашување беше дека цената на струјата за домаќинствата и компаниите оваа зима драстично ќе се зголеми, помеѓу 30 до 40 проценти. Но во реалноста не само што цената на струјата се зголеми, не само што граѓаните не плаќаат повисоки сметки за струја, туку цената на електричната енергија е сериозно намалена за 72.000 компании, се наведува во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ велат дека Мицкоски со неговите црни сценарија предвидуваше и дека енергетскиот систем ќе колабира, дека цели градови ќе се соочуваат со рестрикции во зимата.
– Наспроти ваквите тврдења на Мицкоски, денес енергетскиот систем на државата работи со сите капацитети како никогаш претходно во последните 70 години, а домашното производство на струја е сериозно зголемено. Ја плашаше Мицкоски јавноста и дека ќе нема доволно гас за грејната сезона, бараше да се купува гас за цела зима во време кога овој енергенс беше со највисока цена. Цената на гасот драстично падна, а државата ако го послушаше Мицкоски ќе беше над 100 милиони евра во зијан, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу вети транспарентност, граѓаните ќе знаат кој го помага македонското здравство

Министерството за здравство воведе нов електронски модул за транспарентен преглед на донациите во здравството, со кој јавноста ќе може во секое време да има увид во видот, вредноста и донаторите на пристигнатата помош.
Модулот е достапен на веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детални информации за секоја донација примена од Министерството или јавните здравствени установи.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека досега се евидентирани над 400 донации, а бројката постојано расте.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем“, изјави Алиу.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од донациите, дури 85%, се однесуваат на медицински материјали, меѓу кои лекови, вакцини, апарати и други средства за јавните здравствени установи.
Алиу додаде дека со новиот систем ќе се избегнат ситуации кога во земјата стигнува опрема со различни оперативни системи или апаратура без достапни резервни делови и сервис.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, порача министерот.
Македонија
Македонија преживуваше драматичен ден, пожарот во Јасен сè уште под закана

На територијата на Македонија до утрово биле регистрирани вкупно 18 пожари на отворен простор, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, 17 се целосно изгаснати, еден е ставен под контрола, а активни пожари во моментов нема.
Според информациите, единствениот пожар кој сè уште е под надзор, но не е целосно изгаснат, е оној во општина Македонски Брод, во паркот „Јасен“, каде што горела мешана шума. Екипите остануваат на терен за да спречат повторно разгорување.
Во текот на вчерашниот ден и ноќта биле изгаснати серија пожари низ целата држава. Во скопскиот регион беа зафатени повеќе локации: во Сопиште, кај браната „Козјак“, изгоре ниска вегетација и делови од шума, додека во Студеничани пожарот се прошири на планинскиот врв Китка, зафаќајќи мешана шума во близина на селата Горно Количани и Драчевица.
Во југозападниот регион, екипите интервенирле во Кичево, кај селото Душегубица, каде што горела ниска вегетација, а во Охрид во селото Велгошти пожарот зафатил поголема површина од ниска вегетација. Во Кавадарци, кај селото Брушани, гореле тревни површини, додека во Демир Хисар огнот избувнал на депонија во селото Кутретино.
Пожари имало и во Битола, каде што биле зафатени две локации – во месноста Тепсија и во селото Велушта, додека во Новаци, помеѓу Суводол и селото Балдовци, изгорела ниска вегетација. Прилеп и околината исто така беа погодени: во селото Беловодица, на местото викано Ливада, и во селото Лењиште бил зафатен шумски појас со букви, а во друг пожар, во близина на дата-центар во Прилеп, изгореле тревни површини.
Во општина Долнени, кај селата Стровија и Долгаец, бил зафатен простор со мешана шума, додека во Брвеница, во селото Милетино, горела ниска вегетација. Пожар избувнал и во Гостивар, во близина на градската болница, но бил брзо ставен под контрола. Во Врапчиште, кај селото Тумчевиште, и во Чешиново-Облешево, кај објектот „Мак Млин“ каде што гореле ѓубриште и гуми, екипите интервенирале за да спречат ширење.
Истовремено, во струмичкиот регион пожар избувнал кај селата Турново и Иловица, зафаќајќи депонија, но истиот бил изгаснат навреме.
Иако пожарите биле успешно изгаснати или ставени под контрола, надлежните апелираат за внимателност и совесност, бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат услови за нови огнени стихии.
Македонија
Вреди: Пописот беше дело на ДУИ, Албанците беа оставени како странци во сопствената земја

Вреди остро ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека создава неправди врз Албанците, а потоа вината ја префрла врз други.
„ДУИ се преправа дека е загрижена за правичната застапеност на Албанците, но вистината е горчлива: тие ја создадоа неправдата што денес ја осудуваат“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму потсетуваат дека Законот за попис бил изготвен и предложен токму од министрите и пратениците на ДУИ, меѓу кои Бујар Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и Арбер Адеми. Тие додаваат дека во законот биле внесени одредби кои, според нив, ги третираат Албанците од дијаспората како странци во сопствената земја.
„Резултатот не е статистичка грешка, туку намерно намалување на бројот на Албанците и напад врз правичната застапеност. Тоа е историска неправда и едно од најголемите предавства на албанската кауза“, наведуваат од Вреди, додавајќи дека додека раководството на ДУИ се занимавало со бизнис интереси, Албанците доживеале неправда од државата.
Во соопштението се истакнува дека Вреди ќе биде коректор на „свесните грешки на ДУИ“ и дека нема да дозволи повторно фалсификување на бројките и достоинството на Албанците.
„Нема амнестија за политичка вина. Времето на измама заврши, сега е времето на албанскиот граѓанин“, порачаа од Вреди.