Македонија
СДСМ: Наставата треба да продолжи заради децата, Синдикатот да го продолжи дијалогот
Сите мораме да се водиме од интересот на учениците. Правото на штрајк е уставно загарантирано, но наставниците треба да се водат и од интересите на нивните ученици, порача владејачкиот СДСМ преку соопштение.
Отттука се децидни дека наставата мора да продолжи да се одвива непречено, особено поради фактот што зад нас имавме две училишни години во падемија кога учениците следеа онлајн или комбинирана настава.
„Владата предводена од СДСМ покажа вистинска грижа за образованието како клучен сектор во нашето општество. Тоа се гледа преку зголемените плати кои за четири и пол години ги зголемивме од 3.200 до 6.400 денари, како и преку сериозните инвестиции во подобрување на условите за работа на наставниот кадар. За четири и пол години изградивме и реконструиравме над 80 училишта, а за 2022 година предвидени се над една милијарда денари за капитални проекти во образованието“, велат од СДСМ.
Најавуваат дека и годинава ќе има раст на платите во образованието, а тоа ќе биде постигнато низ дијалог со Синдикатите и сите засегнати страни.
Владејачката партија апелира СОНК да го продолжи дијалогот, а наставата да продолжи за да се најде решение кое е во интерес на наставниците.
„Да не дозволиме наставата да се пролонгира и со тоа да се загрозат уписите, државната матура и полагањето на стручен испит на петстотини наставници. СДСМ како одговорна партија продолжува со вистинска грижа за образованието, за наставниците и учениците“, додава СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица со најава дека ќе достави докази до ДКСК за Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”
Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, Левица ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај, соопштија од партијата.
„Во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР. Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!
Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг” претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!“.
Левица, нагласуваат од оваа партија ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа контроверзна компанија, која очигледно, како што оценуваат, е параван за испумпување на државни пари за Мицкоски и неговите блиски соработници.
„За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Стари кадри од времето на Заев обременети од претходните функции, Филипче ги претставува како нови лица во раководството на СДС
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС продолжува да тоне се подлабоко.
Наместо промени, нови лица и свеж кадар, на раководни позиции, СДС, додаваат од владејачката партија, повторно стави стари и излитени лица уште од времето на Зоран Заев.
„Венко Филипче најави таканаречена „Нова сила“, а всушност врати стари лица на Заев, со кој ја приватизираа и на крај ја раскрчмија СДС.
Старите кадри претставени како ново раководство на СДС, Заев му ги напиша, а Филипче само ги изгласа.
Во нивното т.н. ново раководство влезе Филип Андов кој е поранешен директорот на затворот Шутка со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчковски кој беше фатен и призна дека на своето работно место консумира наркотични средства, а наместо осуда од СДС доби унапредување.
Тука е и поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска која и досегашен член на ИО на СДС, па Драган Крајовски, претседател на ОО на СДС во Битола во времето на Ковачевски а директор на затворот „Црн мост“ во времето на Зоран Заев и член на ЦО на партијата, а за претседавач Филипче го избра Герасим Лазов.
Следниот е Дејан Николовски, кој беше вработен во кабинетот на Заев, задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на ЦО, како и Андреј Жерновски, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник и градежник кој за функција прелета од ЛДП во СДС на Заев, кого јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење на паника дека ќе се урне стадионот кој Скопје ден денес го користи.
Агрон Демири, поранешен советник во секторот за ЕУ и меѓународна соработка, па во Одделението за правни услуги во АД ЕСМ, коносител, односно втор на листата во шеста изборна единица на минатогодишните парламентарни избори кога СДС го претрпе најголемиот пораз а тој не успеа да пратеничко место.
Организацискиот секретар, Љупчо Фармаковски, наречен Фосил, државен советник во МВР и во влада уште од времето на Хари Костов, кој до ден денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална Банка. Во 2008 година беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување, а и до сега ја извршуваше истава партиска функција.
Да не ја заборавиме и Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика во владите на Заев, на работа го врати директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа во Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога.
Тренчевска лани се повлече од функцијата како Претседателка на форумот на жени, при што на социјалните мрежи пишуваше дека е време во СДС да приклучат нови лица блиски до народот на кои им се верува, неизвалкани од бремето на претходните функции“.
А Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, избра спротивно на ова, сите до еден стари кадри, со што се потврдува нашата, како што велат, и на цела јавност констатација, СДС продолжува да тоне, наместо да направи суштински структурни и кадровски промени.
Според нив, ова е убедливо најлошиот состав на СДС кој Филипче и Заев го избрале, што на следни избори и 100 илјади гласа ќе им бидат недостижни.
Македонија
СДСM: ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена
ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија со усвојување на предавничка Резолуција во Собранието, велат од СДСМ.
„Ја загрозуваат слободата на говорот и мислењето, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена, само да не се зборува за договорот мигранти за пари.
Целта е на опозицијата да ѝ биде забрането да зборува на темата мигранти, под зкана на кривични пријави, кои судовите по итна постапка би ги прифаќале. Затоа и забрзано работат на воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството.
Секој што ја зборува вистината за мигрантите е таргет, да му се заканат со кривична, со затвор, и на тој начин да замолчат каква било дебата за тоа што се случува надвор од очите на јавноста.
Во меѓувреме ќе пласираат лаги и ќе фабрикуваат разни лажни вести, за опозицијата, за новиот тим на СДСМ, се за и сешто“.
Затоа, според оваа партија, во предавничката Резолуција, како што наведуваат, внеле и измислици дека СДСМ подготвувала мигранти, што е целосна лага.
„Кога се носат предавнички резолуции против опозицијата тоа е автократија, вовед во диктатура, режим 2.0.
СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата, заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата.
Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок и основните слободи за да избегаат од националните предавства.
Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции. Помош ќе побарме и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа“.
Со сите демократски алатки и механизми кои ни стојат на располагање, додаваат од СДСМ, ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата.

