Македонија
СДСМ: Нема да дозволиме хаос, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спаси криминалците, сите ќе одговараат
Од партијата на власт оценуваат дека секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии, а вчера, како што појаснуваат, дури се обиделе да испровоцираат и физичка пресметка на седницата на Комисијата за европски прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш, ама секогаш, е против функционален судски систем. Проблемот со недостиг на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши, само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите што директно водат до белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети“, се истакнува во реакцијата од СДСМ.
Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, додаваат од таму, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат.
Не е првпат, потенцираат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ да се однесува агресивно и деструктивно кога се работи за закони за правдата, така се однесуваше и при носењето на Законот за Јавното обвинителство, го блокира и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
„Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ, треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат хаос, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ги спасува криминалците, секој што згрешил пред законот, ќе одговара!“, се прецизира во писмената реакција од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.

