Македонија
СДСМ нема пратеници за уставните измени, нека стават на гласање и ќе се уверат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС нема пратеници за уставните измени, нека стават на гласање и ќе се уверат, единствено решение се избори, соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта цела година манипулира со бројки, а реалноста е дека, ако имаа 80 пратеници, одамна ќе ги спроведоа уставните измени. Реалноста е дека нема ниту 70 пратеници, кои ќе гласаат уставни измени“, велат од партијата.
Како што додаваат, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш децидно денес, како и многупати досега, ќе го повтори својот став, дека уставни измени под овие околности и бугарски диктат нема да прифати.
„СДС да не ги малтретира граѓаните и државата и уште денес по неуспехот со уставните измени да се распушти парламентот и да одиме на избори“, завршуваат во своето соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена, а кон крајот на денот зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Времето во наредните денови
Од среда следува период на променливо облачно и топло време со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. До петок дневните температури ќе бидат во пораст, а за време на викендот ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
Муцунски во Северна Рајна – Вестфалија: Ново поглавје во нашето партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија. Во рамки на посетата, министерот оствари средба со својот домаќин, министерот за сојузни, европски, меѓународни работи и медиуми и шеф на државната канцеларија на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх.
Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и динамичната соработка што се развива во изминатиот период. Министерот Муцунски истакна дека Северна Рајна – Вестфалија е исклучително доверлив партнер на нашата држава – како во политичката и економската сфера, така и во поддршката на европската интеграција. Тој изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка од покраината, како и за личниот ангажман на министерот Лимински во унапредувањето на политичката, економската и институционалната соработка.
„Оваа покраина е седиште на многу водечки германски компании и дом на бројна македонска дијаспора – фактори што дополнително ги зацврстуваат нашите односи. Заеднички изразивме уверување дека оваа посета отвора ново поглавје во нашето партнерство и дека ќе продолжиме со конкретни активности за унапредување на политичките и економските врски“, изјави министерот Муцунски по средбата.
Во рамки на работната посета, министерот Муцунски оствари и средба со Феликс Нојгарт, директор на Агенцијата за трговија и инвестиции на Северна Рајна – Вестфалија. Разговорите беа посветени на можностите за понатамошно интензивирање на трговската соработка, реализација на нови инвестиции во стратешки сектори, како и на продлабочување на партнерствата во области како што се енергетиката, туризмот, напредните технологии и дигитализацијата.
Дополнително, беа разгледани поволностите што ги нуди нашата држава за странските инвеститори, како и подготвеноста на Владата да биде активен и сигурен партнер во реализацијата на нивните проекти. Соговорниците се согласија дека постои реален потенцијал за унапредување на трговската и економската соработка во наредниот период.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде оствари средба со бројната и активна дијаспора.
Македонија
Ставревска Панајотова: Националниот парк Шар Планина е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа

Шар Планина, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров
Шар Планина е еколошкото срце на Македонија и со одговорно однесување сите можеме да придонесеме за нејзино зачувување за идните генерации, вели Aнела Ставревска Панајотова, раководителка на одделението за заштита на природа во ЈУ Национален Парк Шар Планина.
„Создавањето на Националниот парк Шар Планина беше пречекано со мешани реакции од локалното население, што е сосема очекувано кога станува збор за воведување на нешто ново. Од една страна, многу жители ја поддржуваа идејата за заштита на природата, бидејќи препознаа дека паркот носи можности за развој на еко-туризам, нови работни места, поддршка за традиционалното сточарство и подобра инфраструктура. За нив, националниот парк е шанса за промоција на регионот и зачувување на животната средина за идните генерации. Од друга страна, дел од населението имаше загриженост, особено во врска со ограничувањата за користење на шумите, пасиштата и водите, кои со години наназад им служеле за преживување и традиционална економија. Во последните години, соработката се подобрува. Локалните жители сѐ повеќе се вклучуваат во заштитата на планината затоа што практично нема големи промени во користењето на земјиштето и природните ресурси освен што се намалени недозволените активности. Тие се клучен партнер во мониторингот на природата, во спречување на криволовот и нелегалната сеча, како и во промоцијата на културното наследство. Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни“ вели таа.
Шар Планина, додава таа, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров.
„Шар Планина е главен водоснабдувачки регион – тука извираат многу реки како Радика, Вардар (преку Треска), Пена и други. Овие води се клучни за пиење, земјоделство, индустрија и одржување на екосистемите во пошироката област. Всушност, и изворот Рашче кој е од витално значење за снабдување на вода за пиење на Скопје се храни од шарските води. Од аспект на биодиверзитетот, има големо значење за Европа. Со над 2000 видови растенија и многу ретки животни, планината е една од најбогатите биолошки зони во Европа. Таа служи како засолниште за загрозени видови, особено за балканскиот рис, златниот орел, дивокозата, но и многу ендемични растенија кои не постојат на друго место“ објаснува Ставреска Панајотова.
Пивара Скопје преку платформата „Наша гордост, наша одговорност“ потпиша Меморандум за соработка со ЈП Национален парк „Шар Планина“ за заеднички активности, кои ќе придонесат за заштита и унапредување на ова непроценливо природно богатство.
Една од овие активности беше еко-акцијата за чистење на излетничкото место Лисец на Шар Планина, која се одржа на 7 мај. Во акцијата учествуваа 23 волонтери, кои заедно со вработените од Националниот парк и партнерите од „Саубермахер“, собраа цели 1.300 килограми отпад – резултат, кој не само што говори за посветеноста на учесниците, туку и за важноста од заедничка акција за заштита на нашите планини.
ПР