Македонија
СДСМ: Ние сме за продолжување на европскиот пат, а Мицкоски и Апсиев се против ЕУ

СДСМ е за продолжување на европскиот пат и посветено работи на членството во Европската унија, како врвен национален и државен интерес поставен уште од независноста, соопшти владејачката партија.
„По 17 години, минатата година започнаа преговорите, за членство се одржа меѓувладина конференција, скринингот тече одлично и тој процес ќе финишира успешно. Сега е време за исполнување на единствената обврска која нашата држава ја има согласно преговарачката рамка, усвоена од 27 земји членки на ЕУ, а тоа се уставните измени.
СДСМ номинираше претставник во работната група за измени на Уставот и активно ќе учествува во експертското тело формирано од Министерството за правда. За жал, граѓаните гледаат дека заложништвото на Христијан Мицкоски кон Димитар Апасиев и Левица си го направи своето. Мицкоски и Апасиев отворено се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека СДСМ, како предводник на проевропската коалиција, ќе се спротивстави на деструктивноста на оваа коалиција на хаосот.
Македонските граѓани, како што велат од СДСМ, сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот на Кочани: Аплициравме за мерката за пожарите, формуларот уредно е испратен

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува кочанскиот гадоначалник, Венко Крстевски, за опасна незаинтересираност и загрозување на јавната безбедност, по објавата на Владата дека оваа општина не аплицирала за новата мерка во борбата со пожарите, преку ангажирање на 400 лица во општините за гаснење, кои ќе добиваат месечни примања.
Претходно денес, владината портпаролка, Марија Митева, изјави дека мерката опфаќа 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици, со исклучок на Кочани и Струмица, кои не се пријавиле.
„Наместо да обезбеди повеќе опрема, човечки ресурси и сигурност за граѓаните, в.д. – то Венко свесно работи против сопствената Територијална противпожарна единица. Граѓаните со право прашуваат: кому му служи – на народот на Аки Акиов или на сопствените инаети и интереси? Да потсетиме: истиот овој в.д. градоначалник беше против и отворањето на државниот Центар за рехабилитација на Пониква, сега повторно кочничар – но овојпат на сметка на јавната безбедност и заштитата од пожари!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Крстевски, сепак, тврди поинаку – аплицирале на повикот и ја поздравуваат мерката.
„Формуларот е уредно испратен“, соопшти в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Тој ја поздрави мерката и изрази очекување дека Владата ќе одобри ангажман на 23 лица за превенција од пожари на територијата на Општина Кочани. Ја истакна и реалната потреба од вработување на нови 15 професионални пожарникари во Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Во прилог, потсети и дека Општина Кочани веќе пет месеци чека Министерството за финансии да даде согласност за нови вработувања во новата детската градинка „Детелинки“, за коишто се планирани финансии во буџетот. Ја повика Владата час поскоро да ја реши неизвесноста на над 200 родители чии деца се на листата на чекање за згрижување во новата кочанска градинка.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Валандово и во Струмица

Сеизмолошката опсерваторија, денес, во 13.35 часот регистрира земјотрес, чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Валандово.
Земјотресот е со јачина од 2,9 степена според Рихтеровата скала.
Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Валандово, Струмица и во блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Температурите во следните денови ќе се спуштат и за 10 степени – УХМР со прогноза за времето

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец (над 60 километри на час).
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h), в среда, а особено в четврток, ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
В среда претежно во северните делови ќе има услови за повремен дожд, а в петок локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а дневната температура ќе биде во пораст.