Македонија
„80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата, финансиска поддршка за повредените… што точно одбија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, објави СДСМ
„Парламентарната група на СДСМ и коалиција поднесе Предлог-закон за поддршка на настраданите во трагедијата во Кочани што се случи на 16 март во која кога животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Овој закон предвидуваше сеопфатна, праведна и итна поддршка за жртвите, преживеаните и нивните семејства, со конкретни мерки и гарантирани права. За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против – со што свесно ги ускратија семејствата од правична и заслужена поддршка“, соопшти СДСМ.
„Еве што точно одбија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ:
*80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата – еднократен паричен надомест за душевна болка и нематеријална штета
*Финансиска поддршка за повредените според степен на инвалидитет– од 1.200.000 до 5.000.000 денари, во зависност од утврдениот степен
*Покривање на трошоци за лекување – дома и во странство – хируршки интервенции, психолошка рехабилитација, лекови, помагала, сместување и транспорт
*Образовна поддршка за ученици и студенти– онлајн настава, ослободување од приемни и матурски испити, стипендии до крај на студии
*Платено отсуство за родители на повредени деца – најмалку 6 месеци платено отсуство и можност за продолжување по лекарска препорака
*Скратено работно време за родители до една година – со покривање на придонеси за родителите кои работат во приватниот сектор
*Психосоцијална и правна помош – за повредените и за семејствата на загинатите, најмалку една година
*Домашна нега и поддршка од социјални работници– за лица со инвалидитет стекнат од несреќата
*Државна поддршка за преквалификација и самовработување – за повредени кои не можат да се вратат на претходното работно место
*Можност за адаптација на домот и набавка на возило– за лица со траен инвалидитет
*Воспоставување на независна Комисија за проценка и следење– со стручњаци, претставници на институции и членови од семејствата на жртвите
*Законот е применлив и за претходни трагедии со македонски граѓани– Ласкарци (2019), Тетово (2021), „Струма“ во Бугарија (2021)“, објави СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција.
Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

