Македонија
СДСМ од денеска најавува прес-конференции за наводните криминали на Владата на Мицкоски
Од СДСМ денеска најавуваат дека во 11 часот ќе започнат со серијал од прес-конференции за наводните криминали на Владата на Христијан Мицкоски.
„Целосно ќе ја разобличиме системската корупција, институционализираниот криминал и безмилосната пљачка на граѓаните што го спроведува власта на ВМРО-ДПМНЕ. Крадењето мора да престане, веднаш. А криминалците од власта да одговараат! Ќе зборуваме со факти. Со документи. Со бројки. Со примери. За сите криминалци во власта. Затоа што ова што се случува во Македонија е организиран грабеж, модел на државно ограбување, кој навлегол во секоја пора на системот за испумпување на парите на граѓаните. Додека Владата тврди дека „нема пари“ за повисоки плати за работниците, нема пари за поголеми пензии, за исплата на породилно, поврат на ДДВ, преки криминални шеми и тендери ДПМНЕ испумпува милиони евра народни пари. Моделот е едноставен, проѕирен и бесрамно повторуван: Едни исти фирми, основани преку ноќ, со двајца или тројца вработени, добиваат милионски државни тендери. Истите фирми добиваат договори во владини институции и во општини каде што владее ДПМНЕ. На крај парите завршуваат во белата палата и во џебовите на врхушката на власт. Корупцијата и криминалот ја јадат државата одвнатре. Институциите се разградуваат. Младите се иселуваат. Затоа СДСМ упатува јасен, гласен и силен повик: Време е сите да се спротивставиме! Упатyваме повик до сите граѓани да не молчат, да бидат гласни и активно да се спротивставиме на овој грабеж. Невладините организации да го кренат гласот. Експертите, новинарите, академската заедница, сите да се вклучат во заедничката борба против ова зло кое ја гуши Македонија. А инситуциите да делуваат, дека одговорност ќе има, кога тогаш! За сите! Ова е надпартиска борба за државата, за системот, за иднината на секое семејство“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

