Македонија
СДСМ: Опозицијата шири неоснована паника, МВР работи професионално

ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири неоснована паника, надлежните институции работат ефикасно и во интерес на граѓаните, реагира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со смртоносната престрелка што синоќа се случи на „Рузвелтова“.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува со неодговорното однесување и преку лажни обвинувања продолжува да шири неоснована паника. Времето на селективност и неказнивост заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Министерството за внатрешни работи, денес работи професионално, ефикасно, независно и во служба на законите и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Владејачката партија додава дека стапката на криминал се намалува, експресно се реагира на законските прекршувања, законите се еднакви за сите и секој кој постапувал незаконски одговара за своите постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: Образованието е иднината, имаме план за финансиски стабилни училишта, мотивирани наставници и современи програми за учениците

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одржа трибина посветена на образованието, како еден од најважните приоритети за развој на Град Скопје и иднината на младите генерации. На трибината учествуваа потпретседателките на СДСМ, Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Кристина Костова и Ана Чупевска.
Потпретседателката Ана Чупевска потсети на досегашните резултати и вложувања во образованието и инфраструктурата.
„Како локална власт во периодот 2017–2021 ги реконструиравме сите 23 средни училишта во Град Скопје, поставивме 572 прочистувачи на воздух, обезбедивме бесплатен превоз за сите средношколци и воведовме образовни асистенти. Како централна власт, зголемивме плати на наставниците, укинавме екстерно тестирање и инвестиравме во дигитализација. Тоа е доказ дека СДСМ не само што ветува, туку и реализира“, рече Чупевска.
Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, ја претстави визијата за иднината на образованието во главниот град:
„Младите се срцето на нашиот град. Ако тие заминат затоа што не гледаат перспектива, сите планови остануваат само на хартија. Затоа ќе инвестираме во нови училишта, современи програми, дигитализација и лаборатории. Во мојот мандат ќе ставиме крај на незаконското назначување ВД директори, ќе воведеме модерни системи за греење и ќе ја вратиме професионалноста во образованието. Ниту едно дете нема да биде оставено настрана, ќе има поддршка за талентираните ученици, асистенти за ученици со посебни потреби и фондови за младински иницијативи. Скопје мора да стане град во кој младите сакаат да останат, да учат и да создаваат.“
Потпретседателката Кристина Костова порача дека со СДСМ и Каја Шукова ќе има одговорни, одржливи и паметни политики. „На овие избори мора да се обединиме против деструктивниот модел на ВМРО-ДПМНЕ. Каја Шукова е гаранција дека Скопје ќе добие градоначалничка која ќе го искористи целиот потенцијал на образовниот систем и наставниот кадар“, порача Костова.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 35 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.