Македонија
СДСМ: Петар Камиказа призна дека добил 14.000 евра за новогодишниот прчек, Арсовска да каже кој платил
Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ и на Арсовска, Петар Георгиевски-Камиказа, преку објава на „Фејсбук“ призна дека ангажманот на неговата фирма КЛС за озвучување на новогодишната прослава чинел 14.000 евра, соопшти СДСМ.
„Наместо да се крие зад штури соопштенија, Данела Арсовска треба да излезе пред граѓаните и да каже кој платил за ангажманот на Камиказа. Граѓаните на Скопје гледаат дека градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска, не сработи ништо во првите два месеца од мандатот.
Сведочат само на поништувања значајни проекти, неспособност, погрешни одлуки. Гледаат дека нема бесплатен јавен превоз, нема инвестиции во животната средина. Буџетот за 2022 не е развоен, ниту е направен според потребите на граѓаните, не се предвидени пари за важни проекти, како нови паркови, зелени покриви, велосипедски патеки.
Не се обезбедени пари за ниту една велосипедска патека ниту за еден вело-паркинг, нема опрема за автобусите да превезуваат велосипеди, нема субвенции за дополнителна опрема. На Арсовска ѝ се побитни интересите на нејзините партнери отколку интересите на Скопје и неговите граѓани“, обвинуваат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

