Македонија
СДСМ: Поддршка за кандидатурата на Стево Пендаровски од коалициските партнери
Традиционалните коалициски партнери на СДСМ ја поддржуваат кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата, информираат од оваа партија.
Според соопштението, на денешниот работен состанок на највисоките претставници на партиите од Коалицијата предводена од СДСМ била јасно изразена поддршката за неговата кандидатура и заеднички било оценето дека Пендаровски е победнички кандидат со јасна европска визија за иднината на државата.
„Заедничката согласност за поддршка на кандидатурата на Пендаровски партиите од коалицијата се очекува да ја потврдат и на своите органи и партиски тела.
Во досегашниот мандат Пендаровски покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Со негова одговорност и независност го врати угледот, интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател на државата.
Зад себе Пендаровски има мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера или случај на судир на интереси.
Пендаровски е претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на претстојните избори, изборот пред граѓаните е продолжување на напредокот кон ЕУ или изолација.
Според СДСМ, на граѓаните и на државата не им треба претседател кој ќе кочи, туку претседател, како Пендаровски кој ќе турка напред по вистинскиот пат, кон европски животен стандард и европски вредности.
„Македонските граѓани сакаат прогрес, економски напредок, стабилност, мир и спокој. Затоа партиите од Коалицијата ја поддржуваат кандидатурата на Пендаровски и очекуваат силна поддршка од граѓаните на претстојните избори“, се додава во напишаното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

