Македонија
СДСМ: Поминаа 2 години, ДПМНЕ ја има најнеспособната локална власт
Според СДСМ, на половина од мандатот на локалните власти на ДПМНЕ во над 40 општини големо е разочарувањето на граѓаните од неисполнетите изборни ветувања.
Според владејачката партија, резултатот на ДПМНЕ е 0 резулати, безброј нереализирани изборни ветувања и поголеми сметки за граѓаните за данок на имот и до 300%, како и за ѓубретарина, вода, комунални услуги.
„Скопје е пример како Мицкоски и ДПМНЕ не го испорачаа она што го ветуваа пред граѓаните. Клучното ветување за бесплатен градски превоз во Скопје е само на хартија, нема ни нови 250 еколошки автобуси, нема ниту модерен еколошки транспорт.
Граѓаните се изневерени и од градоначалниците на Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, каде ги нема ветените проекти, но има дополнително задолжување на општините.
Ништо не е подобра состојбата ни во Штип, Битола, Прилеп, Охрид и другите општини раководени од ДПМНЕ.
Ништо од ветените проекти во програмите не остварија, едно зборуваа кога бараа гласови од граѓаните, а денеска друго“, оценуваат од партијата на власт.
Додаваат дека по 2 години се потврди дека ДПМНЕ ја има најнеспособната локална власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Интензивно се работи на фекална канализација за дел од Кадино
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денеска направи увид во изградбата на фекална канализација за дел од населеното место Кадино во општина Илинден.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски во рамки на проектот се гради примарна мрежа со припадни краци на фекалната канализација за дел од населеното место Кадино во вкупна должина од околу 3.500 метри, од кои досега се изградени 730 метри и се поставени 19 шахти. Оваа мрежа на фекална канализација преку препумпен уред и потисен цевковод ќе се поврзе со веќе изградената пречистителна станица во н.м. Кадино и ќе ги опфати домаќинствата кои немаат фекална канализација, а се наоѓаат во еден од најниските делови на населеното место и припаѓаат во источниот и јужниот дел од Кадино.
На овој дел од фекална канализација која во моментов се гради предвидено е да се приклучат приближно 100 домаќинства, додека останатите ќе бидат опфатени во наредниот период со изградбата на останатите фази од овој проект, со што населеното место Кадино ќе биде целосно покриено со систем на фекална канализација.
Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени од буџетот на Општина Илинден.
Македонија
Кина ги укина визите за македонските граѓани
Кина објави дека ќе го прошири безвизниот влез за уште девет земји, меѓу кои и Македонија, во обид да ги поттикне туризмот и деловните патувања за да помогне во заживување на економијата.
Почнувајќи од 30 ноември, патниците од Северна Mакедонија, Бугарија, Романија, Малта, Хрватска, Црна Гора, Естонија, Латвија и Јапонија ќе може да влезат во Кина до 30 дена без виза, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, јавува АП.
Со тоа, бројот на земји на кои им е одобрен безвизен пристап од минатата година ќе се искачи на 38.
Се чини дека додавањето на Јапонија ја одразува недамнешната подготвеност на Кина да ги подобри врските, кои делумно се влошија поради пожестоките разговори од Токио за тајванското прашање. Двете земји постигнаа договор во септември во нивниот спор за испуштањето во морето на пречистената, но сепак радиоактивна вода, од уништената нуклеарна централа „Фукушима“.
За трите месеци, од јули до септември оваа година, Кина забележала 8,2 милиони влеза од странци, од кои 4,9 милиони биле без визи, објави официјалната новинска агенција „Ксинхуа“ цитирајќи конзуларен претставник на Министерството за надворешни работи.
Македонија
Министерството за култура и туризам го објави конкурсот за град на културата за 2025 година
Министерството за култура и туризам денеска го објави конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година“.
На конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во РС Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во градот Скопје.
Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk почнувајќи од 22.11.2024 г. во 14 часот, заклучно со 22.12.2024 г. во 14 часот.
Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање корисниците ќе може да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk (https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx), како и преку контакт-центарот на овој национален портал за е-услуги.
Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е унапредување и достапност на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините во државава.
Град на културата во 2024 година беше Крива Паланка, која во текот на целата година презентира богата програма и издржан програмски концепт, со разни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.