Македонија
(Видео) СДСМ: Правиме напори пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат слободно
Антизападното и антимакедонско раководство на ВМРО-ДПМНЕ лаже, рече вечерва Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, на прес-конференција.
Тој ги демантира, како што рече, лагите дека мнозинството прави притисок и дека на кој било пратеник му се нуделе пари и имало уцени.
„Ќе поднесеме тужби. Овие огромни лаги во клучни моменти за иднината нека ги докажат на суд. Мицкоски ги помина сите граници. Новинарите се сведоци во Собранието, пратениците слободно се движат и комуницираат. Нема да успеат Мицкоски и Груевски, кои љубат само криминал, но не и Македонија. Пратениците да дејствуваат слободно и да му се спротивстават на антизападниот Мицкоски“, рече Костадинов.
Тој додаде дека седницата за уставните измени ќе почне во 21 часoт и дека ќе има дискусија и ќе се гласа, па јасно ќе се види дали има мнозинство.
„Правиме напори да ги ослободиме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат слободно“, рече Костадинов на прашање зошто цел ден се одложува седницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ќе гласа против новиот состав на Комисијата за заштита од дискриминација, обвинува за партизација
На утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеничката група на Левица ќе гласа против предлогот, поради, како то велат, бруталната партизација на оваа институција и тоа со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед – кадар предложен од ВРЕДИ аминуван од ДПМНЕ.
„Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор – нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи. И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани“, велат од Левица.
Според партијата, дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции, чија цел е осигурување на непристрасноста, таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити.
„Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност, и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, велат од Левица, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните.
„Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции, продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата кои треба да бидат автономни“, велат од Левица.
Македонија
(Видео) Камионџиите ја проширија блокадата на граничните премини, заострените шенгенски правила го блокираа товарниот сообраќај на Балканот
Возачите на камиони од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај.
Откако претходниот ден ги блокираа излезите, од полноќ почна и блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан, јавува „Радио Слободна Европа“.
Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенгенскиот простор. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат дозволениот престој во земјите на Унијата.
Бараат престојот во Европска Унија да им биде зголемен на четири месеци, наместо досегашните три месеци во период од шест месеци.
Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку претходно не се најде решение.
Портпаролот на Европска комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на пронаоѓање опции кои би овозможиле одредени професионалци, меѓу кои и возачите на камиони, да престојуваат на територијата на Шенгенската зона подолго отколку што тоа го дозволуваат важечките шенгенски правила.
„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници може да постои потреба да останат во Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, изјави Ламерт.
Тој додаде дека Европската унија е свесна за загриженоста што ја изразиле транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан.
Македонија
Просечната плата во здравството е 50.327 денари, од март ФЗОМ најави ново покачување
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари,просечната плата на медицинските сестри со средно образование е 31.934 денари, а најниска плата во здравството е 21.158 денари.
Овие податоци денеска ги соопшти Фондот за здравствено осигирување. Од таму истакнуваат дека платите во здравството не растат само номинално туку и реално и дека во март е планирано ново покачување.
„Во јавноста се создаваат перцепции дека властите се спротивставуваат на зголемувањето на минималната плата. Сепак, примерот на здравството јасно покажува дека здравствените власти не само што не се пречка, туку активно го поддржуваат зголемувањето на платите во јавното здравство. Најниската основна плата во јавното здравство во 2025 година изнесува 27.158 денари нето и во однос на 2023 година бележи номинално зголемување од 22,2%, додека реалното зголемување изнесува 13,4%. Тоа значи дека растот на оваа плата е за толку повисок од инфлацијата во истиот период. Најниската плата во јавното здравство е за 11,4% повисока од минималната плата во државата. Основната нето плата за медицинските сестри со средна стручна спрема (ССС), согласно гранковиот колективен договор, во 2025 година изнесува 31.934 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 24,5%, додека реалното зголемување е 15,6%“, соопшти ФЗОМ.
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 15,8%, додека реалното зголемување е 7,5%. Во 2025 година, оваа плата е за околу 9,5% повисока од просечната нето плата во целокупната економија на земјата.
Според ФЗОМ, овие податоци јасно укажуваат дека платите во здравството не растат само номинално, туку и реално.
„Со постигнатиот договор со репрезентативните синдикати, во март 2026 година е предвидено дополнително зголемување на платите во јавното здравство од најмалку 5%, согласно спогодбата од 2025 година која предвидува раст на платите од 5 до 7 проценти. Постои јасна и континуирана посветеност кон соодветно вреднување на трудот на здравствените работници“, велат од Фондот за здравствено осигурување.

