Македонија
СДСМ: Реновирани се повеќе клиники и оддели во здравствените установи
СДСМ тврди дека Владата останува посветена на развој и унапредување на здравствената заштита и грижа за лекарите и граѓаните. Од владејачката партија утрово преку соопштение потенцираат дека повеќе клиники и оддели во здравствените установи добиле значително подобрени услови за работа, а активностите за реновирање продолжуваат и во периодот кој следува во кој ќе бидат опфатени уште 34 јавни здравствени установи.
СДСМ во таа насока посочува дека пуштени се во употреба реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ, а отворен и пуштен во употреба е и новиот Ургентен центар во Општата болница во Куманово.
Реновирани се, додава СДСМ, и одделенијата за дигестивна хирургија, Универзитетската Клиника за хематологија каде целосно беше реновиран Одделот за трансплантација, Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија во Скопје.
„Вакциналниот пункт во поликлиника Чаир е комплетно реновиран и доопремен согласно стандардите и упатствата на Светската здравствена организација. Во наредниот период ќе се реновираат и останатите вакцинални пунктови при Здравствен дом Скопје. Реновирана е Службата за Итна медицинска помош во Битола и Службата за Итна медицинска помош во Здравствениот дом во Велес. Во итната медицинска служба во Велес изграден е лифт со цел пристапност на лицата со инвалидитет во оваа здравствена установа.
Завршена е првата фаза од реконструкцијата во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје . Третиот кат каде се сместени одделенијата за детска хирургија и пластична хирургија е целосно реновиран, а во моментов се реновираат првиот и вториот кат.
80% од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се завршени.
Паралелно се одвиваат и активности од поголем обем како градењето на новата Клиничка болница во Штип, што е во процес.
Како одговорна партија продолжуваме посветено да работиме на обезбедување на квалитетно здравство и достојни услови за работа“, велат од СДСМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

