Македонија
СДСМ: Со обиди за физичко насилство ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја блокира Комисијата за образование
Режимската и насилничка матрица на ВМРО-ДПМНЕ денеска ескалира на седницата на собраниската Комисија за образование наука и спорт, oбвинуваат од СДСМ.
Од владејачката партија велат дека биле упатени навреди, закани и обиди за физички напади.
„Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ја болкираат седницата на Комисијата, да ги блокираат измените и дополнувањата на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и на Законот за Бирото за развој на образованието“, се наведува во партиската реакција.
Во неа се додава дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против тоа над 4.700 наставници и стручни соработници во образованието да добијат трајно вработување, па се подготвени, како што велат од СДСМ, и со насилство да го блокираат носењето на овие закони.
Но, од партијата на власт исто така порачуваат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се лажат дека со навреди, клевети, закани и насилство ќе успеат да ги спречат реформите во интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трајановски: Нови игралишта, безбедни улици и пристапни тротоари се визијата за современ Аеродром
Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, ја претстави својата визија за уредување на јавниот простор и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.
„Нашата визија за јавниот простор е да биде уреден согласно реалните потреби на граѓаните. Тоа значи безбедни улици, достапни тротоари и места за рекреација каде што сите, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствуваат пријатно и сигурно“, изјави Трајановски.
Тој најави изградба на нови и безбедни детски игралишта, вклучително и сензорни игралишта за децата со попреченост, како и адаптација на рабниците и поставување тактилни патеки. „Пристапноста не е луксуз, тоа е човеково право“, додаде кандидатот.
Посебен акцент стави и на решавањето на проблемот со кучињата скитници, преку системска соработка со институциите, како и на унапредувањето на инфраструктурата со нови велосипедски патеки, паметни паркиралишта и модерно осветлување.
„Ќе изградиме општина што штеди енергија и време, а нуди квалитетен урбан живот“, рече Трајановски, најавувајќи и изградба на нова противпожарна станица и редовна контрола на противпожарните системи во зградите.
„Ова не се само проекти, ова се мерки за достоинствен живот на секој мој сограѓанин од Аеродром. Затоа на 2 ноември, заедно да се избориме за подобра општина, за општина која се грижи за секого“, порача тој.
Македонија
ЛДП доби признание за иновативни решенија на конгресот на АЛДЕ во Брисел како клучен член на европското либерално семејство
Либерално-демократската партија (ЛДП) ја истакнува исклучителната важност на присуството на својата претседателка, Моника Зајкова, како модератор на една од клучните дебати на Конгресот на Партијата на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) во Брисел, насловена „Суперсила Европа – Реформирање на одлучувањето на ЕУ во опасен свет“. Учеството на Зајкова, рамо до рамо со поранешни премиери, актуелни министри и европратеници, како Кирил Петков и Жорж-Луј Буше, само ја потврдува позицијата на ЛДП како витален и почитуван член на европското либерално семејство. Нејзината улога во водењето на дебатата истакна дека либералните вредности и прашањата на Северна Македонија се високо на агендата на европските центристи.
Претседателката Зајкова во својот настап јасно ја истакна обврската на либералните политичари да водат со идеали, но и да ја почитуваат волјата на граѓаните, што е клучно за деблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија. Таа го истакна ставот дека уставните измени, како услов за членство, може да стапат во сила само со гаранција за ратификација на целосниот пристапен договор, повикувајќи се на успешниот модел од процесот за членство во НАТО. Овој принципиелен став, кој го штити достоинството и интересот на граѓаните, доби силна поддршка од европските либерални лидери присутни на панелот.
ЛДП апелира до Европската Унија и нејзините лидери за итно усвојување на креативни и иновативни решенија кои ќе го откочат проширувањето. Зајкова посочи на потребата ЕУ да покаже мудрост, а не само моќ, користејќи ги искуствата од минатото. Како конкретен пример, таа го наведе Северна Ирска Протоколот, истакнувајќи дека доколку ЕУ може да најде дипломатски решенија за најголемите пречки, мора да најде и начин да го испорача ветувањето за Северна Македонија. ЛДП и европските либерали се обединети во ставот дека проширувањето на ЕУ е геополитички императив.
Македонија
(Видео) СДСМ деновиве ќе одлучи кого ќе поддржи во општините каде што нема свој кандидат за градоначалник
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата во следните денови ќе одлучи кого ќе поддржи во општините каде што нема свој кандидат во вториот круг од локалните избори.
„Ќе донесеме заклучок најдоцна до среда. Одлуката ќе се темели на локалните околности, анализите на општинските организации и расположението на членството“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека поддршката нема да се заснова на етничка припадност, туку на политички ставови и вредности.
„Мултиетничкиот карактер и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет“, додаде тој.
Разговорите, како што рече, се во тек и не се ограничени само на Кичево и Брвеница, туку и на други општини, меѓу кои Скопје, Карпош и Куманово.

