Македонија
СДСМ: Хаосот во Скопје е потврда, глас за ДПМНЕ е глас за враќање назад
Неспособната локална власт на ДПМНЕ во Скопје целосно ги изневери граѓаните, оценуваат од партијата на власт.
Според СДСМ, наместо модерно Скопје, како што ветуваа за време на изборната кампања, кога ја бараа довербата од граѓаните, Мицкоски и ДПМНЕ од Скопје создадоа една голема депонија.
„Наместо град којшто се развива Скопје уназадува. ДПМНЕ Скопје го врати 60 години назад. Неспособните градоначалници на ДПМНЕ од Скопје направија загаден, нечист, нефункционален град.
Сметот и нечистотијата се само дел од проблемите. Јавниот превоз во Скопје не функционира. Ветувањата за набавка на нови 250 еколошки автобуси, за бесплатен јавен превоз, за модерен транспорт, за фабрика за автобуси не се остварија“, се истакнува во нивното соопштение.
Оценуваат дека не се реализираше ниту еден проект во градот а проектите од минатата локална власт на СДСМ стојат закочени.
„Хаосот што се случува во Скопје е уште една потврда: гласот даден за ДПМНЕ е глас за уназадување и враќање назад“, истакнуваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел стабилен и економски поврзан регион
Заменик-претседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Белград оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Р Србија, Адријана Месаровиќ.
На средбата се разговараше за повеќе теми, имајќи го предвид заедничкиот интерес на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестициони проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Скопје на 3 декември.
„Бидејќи наша заедничка цел е интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешнотрговската размена, денеска остварив мошне конструктивен состанок со потпретседателката на Владата на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ. Бројките веќе покажуваат дека оваа година, и покрај сите предизвици, економската размена ќе биде поголема од минатата, имајќи предвид дека за првите девет месеци е остварена размена од повеќе од 1,1 милијарда евра, додека во 2024 година таа изнесуваше 1,4 милијарда евра“, истакна по средбата Стоилковиќ.
Тој додаде дека посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
„Стопанствениците бараат соработка и нашата цел е да излеземе во пресрет на нивните барања и дополнително да ги поврземе. Со поддршка на претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски, на 3 декември во Скопје ќе организираме голем Бизнис форум на кој ќе разговараме за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српските производи на пазарите на двете држави, за што постојат сериозни потенцијали. Владата на Христијан Мицкоски води одговорна политика која носи конкретни резултати – стабилен економски раст, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност и поврзаност. Благодарение на таквите политики, нашите стопанственици ќе имаат сè повеќе можности за пласман на своите производи и услуги на други пазари“, изјави Стоилковиќ.
Средбата потврди дека меѓусебната соработка меѓу РС Македонија и Р Србија продолжува да се развива во духот на партнерство, доверба и заеднички интереси на економскиот и регионалниот план.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.

