Македонија
СДСМ ја официјализираше кандидатурата на Пендаровски: „На граѓаните им треба претседател со јасна европска визија“
СДСМ на 27-миот Конгрес, попладнево ја официјализираше кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на конгресот рече дека Пендаровски е кандидат кој ги споделува прогресивните вредности, со јасна визија за европска иднина на државата.
„Македонските граѓани сакаат прогрес, стабилност, мир и спокојство, сакаат европска иднина и животен стандард. Тоа го нудат прогресивните политики на СДСМ, кои не се само идеологија, туку единствен начин како општеството и државата да се подобрат и да обезбедат прогрес и просперитет Нас ни е потребен европскиот стандард, европските вредности и европскиот живот, сега, не во иднина и некогаш. На граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи, туку претседател со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат“, порача Ковачевски.
Пендаровски кој се обрати на Конгресот рече дека анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ и тој е убеден дека заедно со СДСМ ќе ги добијат претстојните парламентарни и претседателски избори.
„Трендовите од пред извесно време се променети. Очекувам двојна победа“, рече Пендаровски.
Со двојна победа, рече тој, на претседателските и на парламентарните избори, СДСМ ќе има претседател на Северна Македонија и Влада со која до 2030 година државата ќе биде членка на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

