Македонија
Зекири најави кривична против Милошоски и член на Кабинетот на Иванов за одавање државна тајна
СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава против пратеникот Антонио Милошоски за одавање државна тајна. Ова го соопшти денеска на прес-конференција Мухамед Зекири, потпретседател и пратеник од СДСМ.
„Милошоски со тоа што изнесе детали од извештај од лидерска средба, кој го добил од Кабинетот на претседателот, а кој е класифициран како државна тајна, директно го прекрши членот 317 од Кривичниот законик“, рече Зекири.
Додаде оти Милошоски бил предупреден и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека станува збор за државна тајна, која не смее да биде јавно споделена.
„Јавноста треба да знае дека Милошоски од 2015 година не поседува безбедносен сертификат за државна тајна поради што не може и не смее да има пристап до такви информации. Поради тоа, Милошоски немал право да го бара тој извештај, а Кабинетот на претседателот не смее да го даде извештајот на пратеник што нема безбедносен сертификат. Од тие причини против Милошоски и против тој што му го доставил документот ќе поднесеме кривична пријава за одавање државна тајна врз основа на член 317 од Кривичниот законик“, истакна Зекири.
Тој напомена дека досега од осамостојувањето на Македонија не се случило вакво неодговорно однесување и флагрантно кршење на законите од страна на избрани функционери, посебно од страна на претседател на држава и претставник на политичка партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

