Македонија
„СДС е против реформи во правосудството затоа што ќе нема место за оние на нивен телефонски повик“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Правосудниот систем во Македонија е во заробеништво на моќниците од СДС и ДУИ. Наместо да го гони и суди огромниот криминал и корупција, овој правосуден систем се стави во заштита на криминалот на моќниците и неговите газди од СДС и ДУИ. И секако ваквата заштита на криминалците и нивните политички газди не била бесплатна. Судиите и обвинителите кои во своја закрила ги ставиле политичките криминалци од СДС и ДУИ, кои направиле милионски грабеж на Македонија, со сигурност дебело профитирале“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа може да се види од имотите кои што ги имаат во посед македонските судии и обвинители, почнувајќи од луксузни куќи, автомобили, станови и тоа по неколку на број, земјишта, како градежни, така и земјоделски, деловни имоти.
Ова се имоти кои може да се стекнат само со црни пари земени од нивните газди во СДС и ДУИ за да ги заштитат од кривичен прогон за нивните сторени криминали, а никако со чиновничка плата.
Дел од судии под диригентска палка на СДС и ДУИ се Добрила Кацарска и Илија Трпков, кои во сојузништво со обвинителите партиски послушници и извршители, Љупчо Коцевски и Вилма Рускоска нанесоа голема штета на граѓаните и државата, а тие дебело профитираа.
Како награда за послушноста и понизноста кон СДС, Кацарска беше наградена за уставен судија, а Рускоска иако со големи пропусти и прекршувања во своето работење беше оставена на раат до пензионирање на ја извршува функцијата.
Овие две послушнички и извршителки на СДС и Зоран Заев, исто така беа наградени и за предметот 27 април кои согласно партиските соопштенија предметот го обликуваа во обвинителен акт и истиот го пресудиле со драконски затворски казни од на 200 години во нехумана и нефер судска постапка, изживувајќи се врз луѓето со рочишта кои траеле и по 12 часа.
Во истиот предмет е вклучен и Илија Трпков, партиски послушник на СДС кој над шест години водеше бескраен судски процес во кој си играше со судбините на луѓето без соодветни докази.
Љупчо Коцевски, пак, сето ова немо го посматраше и го одобруваше. Иако на очиглед на целата јавност се правеа бројни прекршувања на постапките, процедурите и законите, тој не најде за сходно, барем по допрен глас, да отвори постапка за сите овие случаи и ликови.
Токму од тука произлегува и потребата овие ликови, како Кацарска, Трпков, Коцевски и Рускоска да бидат отстранете од правосудниот систем да бидат и да се испита целокупната нивна работа, која е користа и бенефитот што го имаа од овие политички процеси.
Освен ова, треба да се испита и потеклото на нивниот имот и капитал, како и на другите дежурни судии и обвинители кои се на телефонски повик на штабовите на СДС и ДУИ чие богатство енормно се зголемило.
Оттука, јасно е зошто СДС и ДУИ жолчно се противат на реформите во правосудството, затоа што ќе останат без нивните заштитници кои наместо да делат правда, станаа око на криминалот и закрилници на СДС и ДУИ.
Но, одговорност мора да има и Македонија мора и ќе стане правна држава. Доаѓа крајот на лицата во правосудството кои работат под политички диктат за свои лукративни цели“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

