Македонија
Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите без одложувања
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Османи истакна дека разговарале за европското досие на Северна Македонија и во таа насока потенцијалите на француското претседателство за напредок во нашите европски интеграции.
„Денес, добивме јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес. Го информирав г. Клемен Бон за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која очигледно покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок. Ние ги разбираме грижите на ЕУ; потребата за трансформација на Унијата, за нејзино продлабочување пред нејзиното проширување и нашата позиција е тука јасна – ние силно ја поддржуваме конференцијата за иднината на Европа, особено во контекст и на новата методологија за преговарање, која ја сметаме и за еден успешен предвесник на целиот процес. Секако, зборувавме и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои изразивме заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците преку активни чекори за деескалација на состојбата во регионот, особено од страна на Русија“, изјави Османи.
Маричиќ изјави дека ја истакнале посветеноста на нашата држава на договорот за дијалог со Бугарија и за негување на добрососедските односи.
„Ги повторивме заложбите на новата Влада за текот на реформите зајакнувајќи го интензитетот, особено во делот на владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата и други области. Исто така, ја истакнавме нашата посветеност на договорот за дијалог со Бугарија и за негување на добрососедските односи. Би сакале да видиме резултати од овој нов пристап, инвестираме многу енергија во новиот пристап на двете влади и веруваме дека отворениот дијалог ќе донесе резултат во изнаоѓањето решение врз основа на европските вредности.
Сакаме да ја прошириме нашата заложба за зајакнување на нашите институции и да ги подготвиме заедно со Европската комисија и земјите членки, вклучувајќи ја и Франција, за зајакнување на нашите институции и нивната подготвеност за почеток на пристапните преговори.Северна Македонија е спремна да испорача резултати и ја очекуваме француската поддршка во нашите реформи“, изјави Маричиќ.
Државниот секретар за европски прашања во МЕНР на Франција изјави дека продолжуваат разговорите со новата Влада за европската иднина на патот кон членство во ЕУ на Северна Македонија.
„Во улогата што ја имаме, како претседателство со ЕУ и членки на ЕУ, ве охрабруваме во овие дискусии и ќе бидеме на располагање целосно достапни да го поддржиме, помогнеме или да го олесниме процесот. Се надевам дека во наредните недели, во наредните месеци, ќе можеме да ја надминеме оваа етапа за отворање на дискусиите за преговарачката рамка што беше предложена пред неколку месеци бидејќи е многу важно за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан и на Европската Унија воопшто. Значи, ние сме посветени, оптимисти и претпазливи бидејќи дискусиите сѐ уште траат. Верувам дека постои добра волја во дискусиите меѓу Софија и Скопје, но и во Европската Унија“, изјави Бон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

