Македонија
Северна Македонија ќе учествува на самитот на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември
За неколку дена во Лондон, нашата држава седнува на масата на лидерскиот самит на алијансата, рамноправно со најмоќните земји на светот. Министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, на денешната средба со шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковникот Зоран Јанковиќ, се заблагодарија за целата досегашна поддршка од НАТО-канцеларијата, особено поддршката во последните две години и истрајноста во достигнувањето на оваа, за граѓаните и државата, децениска стратешка цел.
Средбата се реализира во пресрет на самитот на алијансата во Лондон на 3 и 4 декември, на кој ќе учествува висока владина делегацијата, предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев.
Министерката Шекеринска посочи дека нашето учество на лидерскиот состанок на НАТО, како рамноправни со другите 29 сојузници, е историски ден за државата.
„Првпат не дозволуваме некој друг за нас да дискутира, туку седиме на масата на која се носат одлуки што влијаат на целиот свет. На состанокот на НАТО-лидерите ќе бидеме не само присутни туку и ќе учествуваме и за разлика од ситуацијата пред една и пол година во Брисел, кога за нас се дискутира без да бидеме внатре, сега ќе имаме можност да кажеме – да, ние нашата историска улога ја исполнивме. Тоа немаше да се случи да не беше стратешката поддршка на сите граѓани на оваа држава, тоа немаше да се случи без навистина стратешкиот поглед на Владата, но тоа немаше да се случи и без големата поддршка од страна на алијансата“, рече министерката Шекеринска по средбата.
Министерот Димитров ги истакна посветеноста и важноста што нашата земја му го придава на членството во НАТО претставувајќи ги нашите позиции во однос на актуелни значајни прашања за алијансата.
„Денес, со колешката Шекеринска имавме убава можност да му се заблагодариме на полковникот Јанковиќ, кој заедно со сите свои претходници има голем удел во претстојниот голем успех – исполнување на една од двете најголеми стратешки цели, практично од нашата независност. Нè дели само една ратификација од полноправното членство. Во Министерството за надворешни работи веќе подготвивме нацрт-закон за ратификација на северноатлантскиот договор. Како што рече генералниот секретар Столтенберг – убаво е да се има пријатели, убаво е да се има моќни пријатели и првпат на лидерската маса ќе бидеме застапени, предводени од премиерот Заев, на 3 и 4 декември во Лондон. Тоа што за 10 месеци имаме 28 ратификации, говори дека сме добредојдени во алијансата и се надеваме дека тоа ќе биде одбележано и во еден параграф од завршната декларација на состанокот на лидерите во Лондон“, рече тој.
Шефот на канцеларијата на НАТО во државата, полковникот Јанковиќ, изрази задоволство од средбата со министрите Шекеринска и Димитров непосредно пред историскиот самит, каде што ќе се разговара за многу важни теми за алијансата.
„Досега имавте можност да земете директно учество во состаноците на ниво на началници на генералштабови, на ниво на министри, но следната недела ќе имате можност да седите на маса на лидерскиот состанок. Ова е всушност многу важен показател на посветеноста и напорот што го вложивте во последниве две години, што, секако, е резултат на работата на оваа Влада, а особено би рекол на Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи, и од мое лично име би сакал да ви се заблагодарам за овие напори“, рече полковникот Јанковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.
Македонија
Филипче за Груби: Сè е договорено
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.
„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.
Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.

