Македонија
(Видео) Седум булевари ќе бидат затворени поради посетата на папата, МВР повикува на трпение
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција за сервисни и безбедносни информации по повод посетата на папата Франциско изјави дека полицијата е целосно подготвена и способна да организира големи настани, како посетата на папата, и дека утрешниот ден ќе помине во најдобар ред. Од МВР повикаа граѓаните да имаат трпение со оглед на тоа дека улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај, како и да се почитуваат наредбите на полициските службеници.
„Во појасот Голем ринг во текот на утрешниот ден од 6 до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и тој ќе биде пренасочен на други улици. Рестриктивната зона каде што нема да биде дозволено движење со автомобили почнува од улицата 11 Октомври, од раскрсницата со улицата Кочо Рацин до раскрсницата со улицата Димитрие Чуповски, забрана за возила исто така ќе има и на улиците Даме Груев, Македонија, Васил Главинов, Св. Климент Охридски и Илко војвода. Булеварот Мајка Тереза кај Клиничкиот центар исто така ќе биде забранет за возила од 8.15 до 10.15 часот и во попладневните часови. Сообраќајот ќе се одвива по споредни улици“, информира Ангеловски.
Непречено движење на сообраќајот ќе има на улиците Кочо Рацин, 11 Октомври до Борис Трајковски, Св. Кирил и Методиј, булеварот Партизански одреди, улицата Самуилова и улицата Гоце Делчев.
„Доколку граѓаните што живеат во делот на Големиот ринг и сакаат да ги користат своите возила во текот на утрешниот ден, денеска ќе мора да ги извадат возилата од рестрикивната зона. Сите паркинзи ќе бидат бесплатни од денес од 16 часот до утре преку целиот ден. Апелираме сите граѓани да користат јавен превоз“, вели Ангеловски.
Од 7.30 до 9 часот ќе биде затворен за сообраќај во двете ленти и патот од „Меѓународниот аеродром Скопје“ до влезот на градот, а сообраќајот на автопатот Велес-Скопје ќе се одвива преку Миладиновци-Идризово.
„Сите што утре имаат лет од скопскиот аеродром, треба да тргнат порано бидејќи сообраќајот по алтернативите патишта ќе трае подолго, апелираме да се користи железничкиот превоз, кој ќе биде бесплатен“, вели Ангеловски.
Движењето во Малиот ринг ќе биде непречено, освен во рестриктивните зони, каде што ќе се влегува со билети. Во обезбедената зона ќе се влегува преку 8 влеза, односно преку Управен суд на улицата Орце Николов, хотелот „Мериот“ на улицата Максим Горки, кај кафе „Тренд“, улицата Димитрие Чуповски, улицата Даме Груев кај Министерство за финансии и портата „Македонија“.
Мостот на уметноста и Камениот мост ќе бидат затворени.
Следењето на литургијата не е дозволена од прозорец или балкон на зградите во центарот.
Целосна интерактивна мапа од посетата можете да ја видите на следната интернет врска – https://www.google.com/maps/d/viewer?mid=1s3pH9_P_eLfWft6MceurZzGeZmvvxmh6&ll=41.99551418332732%2C21.43057529777684&z=15
Целосните промени и правила на движење можете да ги видите на следната интернет врска – https://papa.mk/soobrakjaj/
Целосните промени за движење на автобусите во јавниот градски превоз можете да ги видите на следната интернет врска – http://jsp.com.mk/vest.aspx?vest=912
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.