Македонија
Седум продолжени викенди во Новата 2017 година
Во 2017 година македонските граѓани ќе имаат дури седум продолжени викенди, затоа што од 11-те неработни денови за сите граѓани, седум се поврзуваат со викендот.
Првиот продолжен викенд веќе помина за време на пречекот на Нова година бидејќи 1 јануари беше во недела и слободниот ден беше префрлен во понеделник.
Православните христијани ќе имаат продолжен и втор викенд во новата година, затоа што Бадник или 6 јануаери е неработен и се паѓа во петок.
И за големиот христијански празник Велигден кој годинава како неработен е на 17 април, а потоа следува Денот на трудот – 1 Мај. Двата празника се во понеделник.
Продолжен викенд за сите граѓани ќе има и во јуни кога се празнува Рамазан Бајрам, односно бидејќи празникот е во недела на 25 јуни, се префрла во понеделник.
Повеќе ќе се одмара и за 8 Септември – Денот на независноста, потоа за Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври што паѓа во понеделник, апотоа продолжен викенд има со 8 Декември – „Св. Климент Охридски“ кој се празнува во петок.
Неработни за сите граѓани се и 24 мај – Денот на сесловенските просветители, 2 август – Денот на Републиката и Денот на народното востание – 11 октомври, кои годинава се во среда.
Граѓаните од православна вероисповед најмногу ќе одмараат за големиот христијански празник Велигден бидејќи за нив освен понеделникот – 17 април, неработен ќе биде и петокот – 14 април. Продолжени викенди православните верници ќе имаат и за Бадник на 6 јануари – петок, за Духовден на 2 јуни – петок и за Успение на пресвета Богородица, кој годинава е во понеделник. Како неработен ден за православните верници е и Богојавление – Водици, кој е во четврток.
Годинава, православниот Велигден е во исти ден со католичкиот Велигден така што и верниците од католичка вероисповед ќе празнуваат на 17 април – понеделник. Граѓаните од католичка вероисповед ќе имаат уште еден продолжен викенд за католичкиот Божик, кој годинава е во понеделник. За католиците неработен е и Празникот на сите светци – 1 ноември кој е во среда.
Граѓаните од муслиманска вероисповед ќе имаат продолжен викенд за Курбан Бајрам кој е на 1 септември во петок, додека албанската заедница ќе го слават како неработен ден и 22 ноември – Денот на албанската азбука, кој е во среда.
Припадниците на српската заедница годинава ќе имаат продолжен викенд за празникот Свети Сава кој е во петок на 27 јануари. Ромите ќе го слават Меѓународниот ден на Ромите во сабота на 8 април, додека припадниците на влашката заедница ќе празнуваат на 23 мај за Националниот ден на Власите, кој е во вторник.
За Еврејската заедница во Македонија неработен е првиот ден на Јом Кипур на 30 септември во сабота, додека Бошњачката заедница ќе го празнува 28 септември – четврток односно Меѓународниот ден на Бошњаците. Неработен ден за припадниците на турската заедница е Денот на наставата на турски јазик на 21 декември./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

