Македонија
Секој има право да протестира, но барањата за минимална плата синдикатите треба да ги кажат на седница на ЕСС, а не на улица, вели Дурмиши
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја потпишал минималната плата без согласност од Економско-социјалниот совет (ЕСС), што е законска обврска, за да не се блокира целата држава. Најави дека ќе закаже седница на ЕСС во моментот кога комисијата за утврдување репрезентативност ќе донесе одлука кој синдикат е репрезентативен, обврска што досега не е завршена оти Владата ги повлече своите членови, па назначуваше нови, а новиот состав не успеа да ја донесе одлуката пред истекот на законскиот рок за зголемување на минималната плата. Денешниот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за 500 евра минимална плата министерот Дурмиши вели дека е нивно демократско право, но нагласи дека минималната плата треба да се договара на седница на ЕСС, а не на улица.
„Живееме во демократија. Секој има право да излезе на улица и да протестира, да го искаже својот револт, но јас пак ќе кажам дека на синдикатите им е истечен мандатот и веќе не се репрезентативни. Ние како Влада ја формиравме комисијата, која требаше да утврди репрезентативност на синдикатите, и таа веќе работи. Очекувам да заврши со работа што побргу, оваа комисија упорно работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен, јас ќе свикам седница на Економско-социјалниот совет. Синдикатите треба таму да ги кажат своите барања, а не на улица“, вели министерот Дурмиши.
Минималната плата министерот вели дека е покачена за 1.800 денари според важечката методологија за која дале согласност и синдикатите и работодавците. Со усогласувањето минималната плата изнесува 400 евра, но таа е објавена без согласност на ЕСС.
„Согласност нема затоа што нема репрезентативност од синдикатите. Според законот што е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавците, обврзан сум и по одлука на Владата пред 31 март, да ја објавам минималната плата. Знаеме дека од минималната плата потоа се пресметуваат и просечната плата и другите плати. Замислете ако ние не ја објавевме до 31 март, ќе се блокира целата држава, ќе се блокираа сите институции и приватниот сектор немаше да може да пресмета плати за вработените“, рече министерот Дурмиши.
ССМ не отстапува од барањето минималната плата да биде 500 евра и затоа денес излегува на протест. На улица ќе излезат 300 челна на највисокото раководство на ССМ заедно со работниците. Пред Собранието ќе им порачаат на пратениците дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците, а пред Владата на владините функционери ќе им порачаат дека не може да се одлучува за работниците беа работниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

