Македонија
Села: 500 милиони евра за ревитализација на албанските населби
Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернативата и кандидатите за пратеници од Шестата изборна единица, денес престојуваа во населбите на општина Теарце. Овие населби долго време имаа проблеми со водата за пиење. Овој проблем е особено актуелен за време на високите температури во текот на летните денови.
Носителот на списокот и претседател на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, зборуваше за овој феномен и за многуте проблеми на албанските села, на кои им недостигаат основни услови. Села истакна дека во програмата „Држава за сите“ на победничката коалиција АА – ААА предвидени се инвестиции од 500 милиони евра само за албанските населби.
„Ние ќе бидеме имиџ на политичарот што ќе биде избран и го исполнува она што го ветува. Никој од нас нема да слушне празни зборови и големи позиции затоа што нашето политичко дејствување не е само за поединецот како индивидуа. Нашата политика е поврзана со проблемите, проблемите на Албанците, каде и да се. Во нашата програма, ќе видите, предвидени се 500 милиони евра инвестиции за 4 години власт директно за ревитализација на албанските населби“, истакна Зијадин Села од коалицијата АА – ААА пред жителите на Нераште и Доброште.
Села објасни дека програмата е направена директно од барањата и загриженоста на граѓаните бидејќи пред неколку месеци тој самиот ги поминал сите албански села, каде што разговарал со жителите на секое село. Ова, објасни тој, е направено со цел внимателно да се допрат сите проблеми на граѓаните.
Голем проблем за жителите од оваа област е феноменот на концесија на водните ресурси за приватните хидроцентрали на луѓето блиски со партијата што е на власт веќе 18 години.
„Во секоја албанска населба инфраструктурата е направена со приватна иницијатива и воопшто не од државата и инвестиции од државата. Проблемите на Албанците во многу населени места се средновековни. Светот ги реши овие прашања уште во средниот век. До денес Албанците сè уште страдаат за вода за пиење овде во вашата општина. На овие високи температури неделава немате капка вода. Немате капка вода затоа што ние погрешно избравме политичари, кои биле заинтересирани за деловни и лични придобивки. Затоа што пред да обезбедат вода за пиење, тие имаат обезбедено концесии за своите роднини, без да ги прашаат жителите на овие делови и денес тие се проблемот“, потенцира Села во Першевце и Теарце.
Средбите со граѓаните на општина Теарце завршуваат со митинг во Слатино. Граѓаните од овој круг веруваат во понудата на коалицијата АА – ААА бидејќи знаат дека сега е време да се донесе долгоочекуваната промена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

