Македонија
Селмани: Да се изедначи судската пракса за тужбите за клевета против онлајн медиумите
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вчера се сретна со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата беше разговарано за изедначување на судската пракса од Врховниот суд за тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите.
Селмани побара Врховниот суд во најскоро време да ја разгледа иницијативата на Здружението, со која се бара Апелациониот суд во Скопје да ги процесуира тужбите за клевета против онлајн медиуми согласно праксата на судот во Битола.
Селмани оцени дека не е работа на судовите да го толкуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, туку треба стриктно да го применуваат.
Тој рече дека обидот на Апелациониот суд да лиценцира медиуми ја ограничува слободата на говорот и е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.
Според него, создавањето на лажна слика во јавноста дека наводно постои колизија во законите во врска со постапувањето за тужби за клевета против онлајн медиумите треба да послужи како алиби на одредени политички кругови, кои инсистираат на построга законска регулација на интернетот.
Вангеловски информираше дека барањето на ЗНМ е проследено до Граѓанскиот оддел при Врховниот суд, кој следната недела се очекува да се состане и да заземе став по тоа прашање.
Селмани и Вангеловски разговараа и за други актуелни прашања поврзани со усогласувањето на праксата на македонските судови со праксата на ЕСЧП во случаи против новинари и медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

