Македонија
СЕММ апелира на одговорност и коректно известување за изборите
Во пресрет на претседателските избори Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципирачки политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.
„Апелираме до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што ѝ се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не му прилега на едно современо демократско општество. Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните во државата“, велат од СЕММ.
Очекуваме од медиумите, додаваат од таму, а особено интернет-порталите, да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки што го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.
„Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме новинарите на нивната улога особено да внимаваат на кредибилноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет и објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст. Нивото на професионално однесување не смее да се симнува и да се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации, кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести“, велат од Советот.
СЕММ ги потсетува медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве: вистинитост и објективност, балансираност, јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, чесност и независност, професионална солидарност меѓу медиумите, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност и слобода и одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.
Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот.
„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое издржува притвор во затворот во Скопје му дава на користење мобилен телефон на Тодор Јованов, братот на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, изјави мајката на едно од загинатите лица.
Таа кажа дека се случил геноцид на млада генерација поради алчност, корумпираност и несовесно работење и вели дека пак се продолжува да се работи во таа насока.
„Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане скриена“, рече таа.
Македонија
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата изборна програма. Младите добиваат 10.000 денари за полагање возачки испит. Објавен е јавен повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит – конкретна мерка, реална поддршка, јасна порака: младите се наш приоритет“, вели Стефковски.
На огласот може да аплицираат млади од 18 до 25 години и жители на Општина Гази Баба. Треба да поднесат барање во Архивата на Општината и да направат уплата во регистрирана авто школа.
Потребна документација:копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фоказ за извршена уплата (оригинал); тековна состојба на авто школата (не постара од 2 месеци).

