Македонија
СЕММ: Онлајн медиумите најмногу ги прекршуваат стандардите на новинарството
Показателите за бројот и видот на претставките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година покажуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн медиумите (76,5%), а потоа од телевизиите (17,6%), а од печатените весници и неделниците (4,4%).
Од вкупно 68 поплаки поднесени до Комисијата во текот на минатата година, најголем број се од граѓаните (33,8%), потоа од медиуми и новинари (25%), од организации и здруженија од граѓанскиот сектор (22,1%), а од носители на јавни функции, институции и политички партии (19,1%). Од донесените 68 одлуки, во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата.
За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации (во 60,5 % од случаите) и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот (во 34,2% од случаите). Во 31,5% од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста.
Од Советот велат дека особено загрижува и тоа што 23,7% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи.
Во прилог линк од инфографикот за статистичкиот преглед на одлуките на Комисијата за жалби за 2018 година: http://semm.mk/komisija-za-zalbi-4/statistichki-pregledi/602-2018-2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

