Македонија
Се бара казна од 10.000 евра за поранешната директорка на кожната клиника
Скопското Обвинителство денеска до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија, Нина (Цаца) Билјановска, која е обвинета за кривично дело пренесување заразна болест.
Надлежниот јавен обвинител на судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна глоба од 10.000 евра во денарска противвредност.
Билјановска на 29 февруари се вратила во државата од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата во согласност со кои сите граѓани што се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од Ковид-19, особено од Република Иралија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјата. Исто така, со заклучоците, на сите вработени во државни и локални институции и претпријатија им беше наложено доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата во која работат.
Но, обвинетата, иако како здравствено лице била свесна за ризикот, продолжила со своите работни обврски на Клиниката, а на 7 март била присутна и одржала предавање на симпозиум од областа на дерматолошките болести, со што ги довела во опасност сите учесници, предавачи, организатори и вработените на Клиниката. На овој начин таа заразната болест им ја пренела на седум свои колеги пред и самата да биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести со позитивен наод на Ковид-19.
Во текот на претходната постапка јавниот обвинител направи детаљни проверки и ја обезбеди целокупната релеватна медицинска и друга документација која беше неопходна заради утврдување на решавачките факти. Притоа беа направени проверки и беше побарана и обезбедена документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, а беа преземени и други истражни дејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

