Македонија
Се бара со потерница експретседателот на кривичниот суд Владимир Панчевски
Експретседателот на кривичен суд, Владимир Панчевски, се бара со национална потерница што ја распиша МВР по наредба на Основниот суд во Велес. Ова следува откако во петокот полицајците не успеаја да го пронајдат Панчевски на посочената адреса по наредбата за негово приведување. Потерницата е објавена на сајтот на Министерството за внатрешни работи.
„Панчевски Владимир, од татко Здравко, мајка Цвета, роден на 1.5.1974 во Скопје, со живеалиште на ул. Даме Груев бр.7/5-15 во Скопје, се бара по наредба за распишување потерница на Основен суд Велес К бр.242/2019 од 14.07.2020, а врз основа на решение на судот со кое му е определена мерка притвор, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.2 од КЗ“, пишува на сајтот на МВР.

Полицијата го барала Панчевски во петокот, но тој не бил достапен за органите на прогонот. Тогаш, тие испратиле допис до СВР Велес, од каде, пак, го известиле судот кој дописот го добил денес.
На Панчевски судот му одреди притвор откако девет месеци не се појавил на судењето за случајот АКМИС и местењето предмети кај подобни судии во време кога бил претседател на кривичниот суд.
Панчевски се товари дека во периодот од јануари 2013 година до септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

