Македонија
Се воведуваат три тарифи за такси-превозниците

Се воведуваат три тарифи за пресметување на цената на авто-такси превозот, а компаниите ќе можат сами да одлучат по која тарифа ќе ја пресметуваат цената на превозот, без оглед на цената на горивата.
Одлуката е донесена на денешната седница на Советот на Град Скопје, по барање на такси-компании и здруженија, а ја поддржаа речиси сите советнички групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел: На матурска прослава без автомобил, без консумирање алкохол и наркотични средства

„На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“, апелираат од МВР.
Сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во сообраќајните несреќи се млади луѓе – матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот живот, известува МВР.
„Одговорноста за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители.
Не дозволувајте им на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални. Затоа: „На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“, велат од МВР.
Македонија
Клиниката за урологија во Скопје почна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер

Универзитетската клиника за урологија во Скопје, започна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, која досега се спроведуваше само во странските и приватните медицински центри.
Интервенциите бea изведени од виш научен соработник д-р Огнен Ивановски. Првите две интервенции се изведоа под менторство на професор д-р Сергеи Владиславович Котов од Клиниката за урологија Пирогов во Москва, Русија. Досега, изведени се вкупно 10 вакви интервенции, што ја вбројува Универзитетската клиника за урологија помеѓу ретките центри, кои се лиценцирани за изведување на овој тип нови процедури.
Во изминатава година, во однос на земјите од регионот, во Македонија се вградени најголем број уринарни сфинктери на пациенти кај кои е неопходна ваква интервенција. Операцијата на вградување сфинктер е целосно покриена од Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство.
Неконтролираното истекување на урина од мочниот меур (уринарна инконтиненција) најчесто се јавува после оперативно вадење на простатата поради карцином. Неволното истекување на урината најчесто се јавува при стоење или одење, а се интензивира при активности како кревање терет, смеење, кашлање или кивање. Оваа состојба во голема мера го нарушува квалитетот на живот на пациентот и претставува сериозен социјален и хигиенски проблем.
„Повеќе од 10 месеци посветени сме на оваа нова процедура. Горди сме што можеме да понудиме решение на проблем за кој претходно пациентите беа принудени да патуваат во странство. Вградувањето на вештачкиот уринарен сфинктер е златен стандард за решавање на уринарната инконтиненција, особено кај пациенти по операција на простата. Оваа интервенција значително ја подобрува контролата на урината кај пациентите, за кои ова е комплетно решение“, вели д-р Ивановски, виш научен соработник на Универзитетската клиника за урологија во Скопје.
По стекнувањето на соодветна експертиза во странски центри, како што е работа на 3D испечатени модели на мала карлица во Турција, курсеви на кадавер, како и клинички стаж во Левен, Белгија, д-р Ивановски за првпат самостојно изведе операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер кај 10 македонски пациенти.
„Со воведувањето на оваа процедура, Универзитетската клиника за урологија, не само што ја проширува понудата на здравствени услуги во јавниот сектор, туку и го подобрува животот на пациентите, кои досега немале можност за третман на уринарната инконтиненција во рамките на земјава“, изјави директорот на Универзитетската клиника за урологија, д-р Башким Шабани.
Карциномот на простата е најчесто дијагностицирана малигна болест кај мажите над 50-годишна возраст. Се проценува дека 1,4 милиони мажи годишно го добиваат овој карцином, а 375.000 од нив умираат како директна последица од болеста.
Македонија
Обвинение за загрозување на сигурноста на судија во Гостивар: обвинетиот влегол во дворот на куќата на судијата и му се заканувал

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
На 29 април, во селото Вруток, обвинетиот се заканил дека ќе нападне врз животот или телото на службено лице – судија во Основниот суд во Гостивар. Заканите биле упатени во врска со вршењето на професионалните задачи кои судијата ги преземал во рамките на своите овластувања.
Обвинетиот влегол во дворот на семејната куќа на судијата, го прашал дали го познава и директно почнал да му се заканува, споменувајќи поврзаност со наводна судска постапка. По упатените закани на висок тон си заминал.
Со обвинителниот предлог, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.