Македонија
Се воведува авиолинија Скопје – Сараево
AEGEAN, грчкиот национален авиопревозник и член на STAR ALLIANCE, ќе воведе нова авиолинија од Меѓународниот аеродром „Скопје“ до Меѓународниот аеродром „Сараево“ од 2 октомври годинава, најавуваат од „ТАВ аеродроми“.
Како што се наведува, на оваа релација ќе има три лета неделно, односно секој понеделник, среда и петок.
„Возбудени сме што можеме да објавиме и да им честитаме на AEGEAN за одлуката да воведат лет од Скопје до Сараево од октомври оваа година и да овозможат одлична регионална поврзаност од Атина на југ преку Скопје до Сараево на северот на Балканот. Оваа авиоконекција во исто време претставува и значајно достигнување во нашата посветеност како аеродромски оператор за подобрување на опциите за авионски патувања за нашите ценети патници“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
До крајот на летниот ред на летање за 2023 година, или до крајот на октомври, времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20.10 часот, а времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20.50 часот со време на пристигнување на скопскиот аеродром во 21.50 часот.
Во текот на зимската сезона 2023/2024 времињата на пристигнување/заминување ќе бидат слични.
Резервација на авионски билети е достапна на веб-страницата на AEGEAN https://en.aegeanair.com/ и преку туристичките агенции.
„Задоволство ни е да го објавиме воведувањето на нашата нова авиолинија од Скопје до Сараево, која ќе почне да сообраќа во октомври 2023 година и подобрувањето на нашите операции меѓу Атина и Скопје преку зголемен капацитет и фреквенции бидејќи тоа ја одразува нашата посветеност да го прошириме присуството на Балканот и да го зајакнеме нашиот белег преку обезбедување зголемена поврзаност со висококвалитетните услуги на AEGEAN. Оваа авиолинија го означува и нашето враќање во Босна по предизвиците наметнати од ковид-пандемијата и пресреќни сме што повторно ќе се поврземе со нашите ценети патници во овој регион. Од октомври патниците од Скопје ќе имаат поголеми можности за поврзување преку Атина со мрежата на AEGEAN со речиси секојдневен лет, што ќе го прошири нашиот досег до дестинации во Грција, Европа и Блискиот Исток. Оваа новина нуди можности за патниците да истражуваат и да искусат разни дестинации со погодностите и сигурноста на високите стандарди по кои е позната авиокомпанијата AEGEAN“, изјави Роланд Јаги, главен комерцијален директор на AEGEAN.
„Среќни сме што по тринаесет години, Сараево повторно ќе се поврзе со главниот град на Северна Македонија – Скопје. Особено нѐ радува фактот што воведувањето на оваа авиолинија е резултат на заедничката и многу успешна соработка меѓу двата аеродрома – Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ и Меѓународниот аеродром ‘Сараево’, и AEGEAN, грчкиот авиопревозник, кој ги препозна важноста и потенцијалот за воспоставување оваа авиолинија како одлична форма за подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Веруваме во одличната ефективност и ефикасност на оваа авиолинија и се радуваме на првиот лет на AEGEAN на релација Скопје – Сараево!“, изјави Алан Баиќ, директор на Меѓународниот аеродром „Сараево“.
Како што велат од „ТАВ аеродроми“, додавањето на оваа нова авиолинија на мрежата на рути и во портфолиото на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе биде уште еден придонес за веќе силниот позитивен тренд на закрепнување на бројките во однос на авиосообраќајот, особено за првата половина на 2023 година.
За периодот јануари – јуни 2023 година, двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид опслужиле вкупно 1,3 милион патници, што е годишен пораст од 41 % во однос на 2022 година, а во однос на 2019 година, референтна година во однос на патничкиот сообраќај пред ковид-кризата, зголемувањето е 15 % повеќе патници во првата половина од оваа година. Во однос на бројот на летови за истиот период, вкупно 10.299 лета се опслужени на двата аеродрома, што претставува годишен пораст од 23 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

