Македонија
Се враќаат линиите Скопје – Гевгелија по поправката на локомотивата
По девет месеци пауза од денеска во фунцкија се враќа железничката линија на релацијата Скопје – Гевгелија. Според новиот возен ред, патниците ќе имаат на располагање две линии во двата правци.
Во соопштението на „Македонски железници“ се наведува дека возовите од Скопје кон Гевгелија ќе тргнуваат во 06:20 и во 16:55 часот, додека во обратна насока заминувањата се предвидени во 04:30 и 17:02 часот.
„Враќањето на втората линија стана возможно благодарение на поправката и повторното ставање во функција на локомотивата ‘МЖ 642 180’, што беше долгогодишна потреба за подобрување на железничкиот сообраќај на оваа релација“, велат од „Македонски железници“.
Оваа иницијатива е поздравена од редовните патници, кои ја користат железничката услуга за работа, образование или патувања. Од компанијата апелираат до граѓаните да го поддржат новиот редовен возен ред и да ги користат услугите на железничкиот сообраќај, кој се очекува да стане посигурен и покомфорен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Венко Филипче да не глуми чесен кога целиот е со лузни од здравството кое го упропасти и украде, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Денешната прес-конференција на Венко Филипче е срамен обид да ги затскрие своите криминали и коруптивни методи кои ги правеше додека беше министер за здравство, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од набавки за вакцини преку фирма за манго и банани сакаше да го полни својот џеб, наместо да го олесни животот на оние кои се бореа против ковид болеста со набавка на вакцини.
Наместо да го продолжи и олесни животот на болните од ковид, тој потпишуваше анекси на договори за модуларната болница во која изгореа живи 14 наши сограѓани.
Поради неговите лоши здравствени политики починаа близу 10.000 луѓе во ковид пандемијатa“.
Филипче, додаваат од владејачката партија е човек со дамки и лузни, кои ќе ги носи целиот живот.
„И сите знаат за ова, само неговото и на Заев обвинителството, предметите ги чуваат во фиока.
Затоа, Венко Филипче треба да одговара, затоа, правда мора да има“.
Македонија
Петрушевски до Битиќи: Меѓуетничкиот соживот се гради со дела, а не со националистички и шовинистички говори
На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет, се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој упати критики кон говорот на Фатмир Битиќи, истакнувајќи дека неговото излагање е националистички настроено, потенцирајќи дека за разлика од него, тој е единствениот пратеник кој поднесувал амандмани за изградба на средно училиште во Куманово на албански наставен јазик и се залага за зачувување на меѓуетничкиот соживот во Куманово.
„Досега никој не успеал ни во 2001 да го наруши меѓуетничкиот соживот во Куманаво, за тој натпревар за кој вие ме посочивте уште веднаш излегов со осуда која вие овде не ја спомнавте на национални медиуми. Јас сум единствениот пратеник кој поднесуваше амандмани за изградба на средно училиште „Сами Фрашери“ во Куманово, на албански наставен јазик. Јас преку своето влијание во општината и преку кадрите кои беа на раководни и се на раководни позиции од ВМРО-ДПМНЕ направивме проект, обезбедивме средства и денес училиштето се гради. После 1983-година гимназијата „Сами Фрашери“ ќе биде првото училиште кое ќе биде изградено во Куманово. Е така колега Фатмир Битиќи се гради соживот во Куманово, не со националистички говори, не со шовинистички говори, туку со дела видливи за сите граѓани“, рече Петрушевски.
Истакна дека пратеникот Битиќи го казнува спортот и прави злоупотреба за да добие политички поени, и посочи дека токму спортот ги воспитува младите во духот на заедништвото.
„Спомнавте ваучер систем кој вие сте го вовеле, за тој има кривична постапка, треба да одговараат поранешни директори на Агенција за млади и спорт и поранешни пратеници од вашата пратеничка група. Испомешавте спорт и нешто што се случувало на трибините, не се казнува спорт заради однесување на поединци, тоа не е европско однесување, тоа е злоупотреба за ситни политички поени кои не ви поминуваат кај граѓаните. Во Република Македонија има јасен механизам за санкции и за тој настан кој го спомнавте и го осудив, има санкции, постапки и институциите си ја вршат работата на највисоко ниво за разлика од претходно. Токму спортот ги воспитува младите во духот на заедништвото“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Карпош: Санација на уличното осветление
Во рамки на тековните активности поврзани со уличното осветлување и јавната хигиена, општински служби минатиот викенд работеа со зголемен интензитет. Во таа насока, стручните лица пристапија кон решавање на поголемиот број проблеми кои беа детектирани на теренот,соопштија од Општина Карпош.
„Екипите беа особено активни во реонот на населбата Карпош 4, каде деновиве беше целосно санирано осветлувањето околу кулите на ул. Никола Парапунов во близина на мостот Обединети нации. Успешно беше отстранет дефектот со осветлувањето на првиот дел од ул. Волгоградска, а се интервенираше и на улиците Соле Стојчев и Желево. На таа локација, стручните служби ги санираа дефектите и во третиот дел на ул. Волгоградска, а во исправна состојба се доведени и светилките на улиците Невеска и Воденска.
Темелно се работеше и во населбата Карпош 2, каде беа санирани дефектите на електричната мрежа на осветлување, на улиците Шекспирова и Бранислав Нушиќ. Со истата динамика беа решени проблемите со јавното осветлување, на делови од улиците Руѓер Бошковиќ и Веселин Маслеша.
Минатиот викенд службите од локалната самоуправа се фокусираа на подигнување на нивото на јавната чистота. На иницијатива на жителите од населбата Жданец, беше спроведена заедничка еко-акција за расчистување на сметот и одржување на здравата животна околина. Во меѓувреме општинските служби задолжени за одржување на хигиената, исчистија поголем дел од пешачките патеки низ Карпош“.

