Македонија
Се намалуваат цените за роаминг со Грција
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција, Никос Папас, потпишаа меморандум за разбирање за намалување на цените во роаминг. Тоа значи дека максималните цени на роаминг-услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваат во Европската Унија.
Како што истакна Манчевски, целта е до почетокот на летната сезона граѓаните на двете држави да ги почувствуваат првите намалувања на цените, а следниот чекор е целосно укинување на роамингот.
Манчевски рече дека договорот од Преспа не значи само решавање на политички проблем, туку со него се отвораат многу перспективи за граѓаните и бизнисите од двете земји.
„Утрово имавме работен состанок со министерот Папас, директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, и заменик-директорот на Грчката комисија за телекомуникации и пошти, Спирос Пантелис. На состанокот заклучивме дека се отстранети сите пречки и дека постои политичка волја од двете страни за продлабочување на соработката“, информираше министерот Манчевски.

Министерот Папас рече дека имале одлично гостопримство, што докажува дека сме стратешки партнери.
„Работа на владите е да го направат договорот од Преспа договор за луѓето, договор кој произведува резултати којшто го подобруваат животот на луѓето и од двете страни. Договор што ги подобрува можностите за комуникација, за транспорт, економските можности. Драгиот пријател Дамјан кажа конкретни работи за меморандумот што го потпишуваме денеска, сакам и јас да потврдам во име на Република Грција дека сме спремни да ги преземеме сите легални мерки, сите правни мерки и сите алатки, со цел граѓаните на двете земји многу брзо и пред туристичкиот период, да видат намалување во сметките за телекомуникација. Би сакал исто така да кажам дека е очигледно дека регулаторните органи од двете страни се спремни да ги стават во сила, да ги употребат законите како што се изработени, или, доколку е потребно, да се прилагодат за да се оствари овој договор. Оваа посета беше многу корисна и имавме можност да разговараме и за многу други теми”, потенцираше Папас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

