Македонија
Се однесувале како да не е криза со патните трошоци, платите: Владата и општините крателе од граѓаните за да ги покријат трошоците
Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночните советници и „Активо“ ги објавија истражувањата за последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година врз области што влијаат врз животот на граѓаните, и на национално и на општинско ниво.
Според нивните извештаи, клучните наоди од истражувањата вклучуваат:
„За покривање на дополнителните расходи што ги наметна енергетската криза во 2022 година Владата и општините вкупно жртвуваа проекти што се од важност за граѓаните во вредност од најмалку 220 милиони евра.
Владата жртвуваше проекти од најмалку 170 милиони евра, како што се: реновирање здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина. Дополнителни 50 милиони евра капитални проекти требало да се реализираат од локалните власти.
За да се прикрие ударот на енергетската криза врз капиталните инвестиции во 2022 година, дури 28 % од капиталните расходи, односно 130 милион евра, биле потрошени за исплати што не може да се сведат под категоријата „капитални“, како што се исплатите кон АД „Електрани“ за надминување на енергетската криза, како и плаќања гаранции според рати за кредити на државните претпријатија“, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Вкупните пријавени финансиски обврски на буџетските субјекти само во 2022 година се зголемиле за нови 186 милиони евра, односно 30 %, со што достигнале вкупен износ од 800 милиони евра.
Наспроти кратењето проекти од важност за граѓаните, локалните власти, според извештаите, се однесувале како да не е криза кога станува збор за трошоците за патни расходи, плати, договорни услуги и привремени вработувања, кои дури пораснале во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.