Македонија
Се отвора граничниот премин Маркова Нога
Владата на денешната седница ја прифатила информацијата за доставен предлог-меморандум за реализација на заеднички интегрирана интервенција во пограничниот регион помеѓу Република Грција и Република Македонија, односно за отворање на граничниот премин Маркова Нога, соопшти владината прес-служба.
Владата го овласти министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, пред претстојната средба на Заедничкиот комитет за следење на програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција, да реализира средба со членовите на комитетот со цел да ги запознае со позицијата на Владата по предложениот предлог-меморандум.
Од Владата велат дека отворањето на граничниот премин на територијата на населеното место Лемос, на територијата на Република Грција, општина Преспа, се смета за значителна интервенција во насока на јакнење на врските меѓу двете земји, како и интервенција со сериозна развојна карактеристика која ќе донесе повеќекратни придобивки за животната средина, развој во областа на социјалата и економијата на заедничкиот пограничен регион, односно Охрид, Ресен, Кастори и Флорина.
„Со отворањето на граничниот премин со сите други придружни и неопходни проекти, односно патна поврзаност, објект на граничните служби, развој на резиденцијалниот дел на населеното место Лемос и мултифункционалниот регионален здравствен центар во општина Преспа, ќе се постигне регионален развој и создавање компактна транснационална развојна зона“, смета Владата.
Граничниот премин се наоѓа во близина на селото Долно Дупени. Маркова Нога била отворена до 60-тите години од минатиот век, а оттогаш направени се неколку обиди за повторно отворање на оваа граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.