Македонија
Се подготвува алатка за мерење на перформансите на јавните обвинителства
Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, денеска се обрати на конференцијата „Подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на Јавното обвинителство“, на која беше презентирана алатката во изработка за мерење на перформансите на јавните обвинителства.
Во своето обраќање Јовески потенцира дека јавните обвинители не бегаат од отчетност и одговорност за својата работа, но и другите фактори на власта мора да ги обезбедат сите услови за да се овозможи ефикасно функционирање на Јавното обвинителство.
„Очекувањата на јавноста, кои се однесуваат на ефикасното извршување на работата, може да се остварат доколку обвинителствата располагаат со соодветни човечки, финансиски и материјални ресурси за кои во повеќе наврати сум говорел дека не се на неопходното ниво. Квалитетот и ефикасноста на работата на јавните обвинители не зависи само од нивната подготвеност и вештини туку и од обезбедувањето на овие материјални основи“, рече Јовески.
Тој нагласи дека јавните обвинители работат во интерес на општеството и граѓаните, така што лично како јавен обвинител не може да се помири со ниската доверба на граѓаните во правосудството.
„Јавноста има потреба и заслужува подобро разјаснување на правниот процес на работата на јавните обвинители, со што ќе се покаже дека нашите истраги и обвиненија се легитимни и засновани врз цврсти докази“, рече Јовески.
Министерот за правда, Кренар Лога, потсети дека од 1 јануари во сила е задолжителната примена на системот за електронска евиденција на предметите во Јавното обвинителство, кој треба да овозможи непрекинат проток на податоци и информации во врска со постапувањето на јавните обвинителства.
„Без видливост на работата и постигнатите резултати, без мерливи и квалитетни споредбени податоци, кои се собираат и обработуваат, исто како во земјите членки на Советот на Европа и Европската Унија, правдата ќе остане слепа и нема, а граѓаните нема да ја добијат уставно загарантираната заштита“, порача Лога.
Според претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, пак, алатката што се нуди во рамките на проектот „Развој и воведување алатка за следење на перформансите на јавнообвинителскиот систем во Република Северна Македонија“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје, ќе овозможи подобрено следење на ефикасноста.
„Ќе ни помогне и нам во Советот да увидиме каде имаме проблем со кадри, да се види обемот на работа на јавните обвинители, а со тоа да се подобри и перцепцијата на граѓаните за нашата работа“, рече Јолевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

