Македонија
Се поништува лустрацијата, оштетените можат да тужат за надомест на штета
На денешната седница Владата го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни. Станува збор за предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
„Со овој закон, се исправа една долгогодишната неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори. По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени, односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи. Воедно, со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки“, соопшти Министерството за правда.
Оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници доколку тие се починати имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Северна Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
„Оваа Влада продолжува да исправа неправди. Нарачаните процеси од така наречената лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот.На денешната редовна седница го утврдивме текстот на Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи.Со предлог-законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.Ја заокружуваме правната рамка на реформата во правосудството во однос на обезбедувањето на независноста и непристрасноста и со законска рамка ги поништуваме мерките и правните последици од процесот на лустрација“, напиша на „Фејсбук“ премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

