Македонија
Се реконструираат мостовите во Градскиот парк во Скопје
Град Скопје со донација од „Халкбанк“ целосно ќе ги реконструира сите 19 пешачки мостови во вториот дел од Градскиот парк.
Обновата на мостовите почна денеска и ќе опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни дрвени материјали отпорни на климатски влијанија, премачкување на металните површини со боја што овозможува заштита од корозија, поставување рампи за велосипедисти и лица со посебни потреби и други зафати кои ќе ги направат овие мостови побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави.
„Ваква реконструкција на сите мостови одеднаш не е направена никогаш досега. Упатувам голема благодарност до ‘Халкбанк’ како општествено одговорна компанија којашто излезе во пресрет на Градот Скопје за да ја спроведеме заеднички оваа акција. Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме да уживаат во Градскиот парк, а кога ќе преминуваат преку овие мостови да се чувствуваат безбедно. Скопје е град што вложува во својот развој и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, а животот ќе мора да продолжи. Да го дочекаме продолжувањето на животот со што подобра инфраструктура и во Градскиот парк и на нашите улици“ – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи за обнова на мостовите во Градскиот парк.
Активностите за обнова на мостовите се очекува да завршат за два месеца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува: 2.000 тони жито од стоковите резерви завршиле на црн пазар во соседна земја за време на владеењето на СДСМ
На денешната прес-конференција, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека за време на владеењето на СДСМ, поранешните функционери Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски дозволиле 2.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви, во вредност од околу 800.000 евра, да се најдат на црн пазар во една соседна држава.
Андоновска изјави дека житото постоело и било употребливо, но поранешниот директор Димковски и уште четири лица составиле записник во кој било наведено дека недостигаат околу 2.000 тони. Според неа, тој записник бил усвоен на владина седница без дополнителни проверки од страна на тогашните носители на функции Заев, Филипче и Николовски.
Таа постави низа прашања поврзани со нивната улога, меѓу кои дали биле свесни за, како што го нарече, криминалот во Агенцијата за стокови резерви и дали Димковски делувал со нивна насока или дозвола.
Андоновска додаде дека, според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, владеењето на СДСM било проследено со криминални и коруптивни практики, при што дел од државните резерви завршувале на црни пазари наместо да бидат на располагање за потребите на граѓаните и земјоделците. Таа порача дека мора да има правда и одговорност и за првиот ешалон на претходната власт.
Македонија
Герасимовски на средба со Стопанската комора Македонија–Турција: Заеднички проекти за развој на општината
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски оствари средба со Стопанската комора на Македонија–Турција (MATTO), на кој се разговараше за можности за заеднички проекти и развој на Општина Центар.
На средбата претставниците на MATTO му упатија честитки по повод именување на функција градоначалник со втор мандат на Општина Центар.
„Соработката со MATTO ќе донесе нови можности за развој на Општина Центар”, изјави градоначалникот на денешната средба со претставниците на Стопанската комора на Македонија–Турција (MATTO)
Двете страни ја потврдија подготвеноста за унапредување на соработка преку иницијативи и проекти кои ќе придонесат за економскиот и општествениот развој на општината. Турските инвеститори и македонските компании во рамки на MATTO изразија интерес за партнерства што ќе создадат нови развојни можности и ќе ја зајакнат локалната економија
Македонија
Фатени со пари и список од врата до врата – двајца охриѓани пријавени за изборен поткуп
Полицијата од Охрид поднесе кривична пријава против Р.А.Д. (50) и Ј.С. (44) од овој град, поради сомнение за кривичното дело поткуп при избори и гласање.
Според полицијата, на 19 октомври, за време на локалните избори, двајцата биле затекнати како се движат од куќа до куќа со пари и список што содржел лични податоци и адреси на жители со избирачко право во Охрид. На евидентирани лица им нуделе и делеле парични средства, со намера да ги придобијат да гласаат во корист на кандидат за градоначалник на една политичка партија.
По целосно документирање на случајот, пријавата е поднесена до надлежен орган за понатамошна постапка.

