Македонија
Се реконструира физикалната медицина во кочанската болница, соопшти Митева
Во моментот се одвива реконструкција на просторот за физикална медицина во кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри.
Рокот за завршување на работите е предвиден во наредните три-четири недели.
Владината портпаролка Марија Митева информира дека е почнато со поставување нови прозорци, целосно нова електрична инсталација и нова водоводна и канализациска мрежа.
Реконструкцијата ќе продолжи со хидроизолација на објектот, поставување комплетно нова вертикала на водоводната и на канализациската мрежа, која ги поврзува и горните оддели над физикалната медицина – конкретно хирургија, гинекологија и неврологија, порамнување и обновување на подот и поставување нови врати.
„Особено важно што цениме како Влада дека е потребно да се нагласи оти по многу години се оспособува хидрантската мрежа, која беше целосно нефункционална, и во тек е поставување нов противпожарен систем, неопходен елемент за безбедноста на пациентите и на медицинскиот персонал. Ова не е само реконструкција – ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа“, рече Митева.
Информира и дека се преземаат сериозни чекори за подобрување на условите во Пониква, каде што од утре ќе бидат примани и пациенти.
Министерството за спорт целосно ги опреми двете игралишта за рекреација, поставени се комарници, кои се од суштинско значење за заштита на пациентите во оваа фаза. Спроведена е и комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, вклучително и на шахтите околу објектот, во соработка со Центарот за јавно здравје – Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

